Сочувство до семејствата на загинатите и солидарност до народот и владата по синоќешниот пожар во модуларната болница во Тетово, изразија, преку „Твитер“ од Министерството за надворешни работи на Грција, јави дописничката на МИА од Атина.

Нашите мисли се со жртвите од ужасниот пожар во болничката единица во Тетово и со сите погодени од оваа трагедија. Го изразуваме нашето искрено сочувство до семејсвата на жртвите и нашата солидарност до народот и Владата на Северна Македонија, напишаа од грчкото МНР.

Претседателот на Република Србија, Александар Вучиќ, денеска телефонски разговараше со премиерот Зоран Заев, по повод пожарот во болницата во Тетово, и, во име на сите српски граѓани изрази сочувство до семејствата на жртвите.

Граѓаните на Србија се во болка заедно со луѓето во Тетово. Подготвени сме да пружиме секаква братска помош, бидејќи граѓаните на Македонија не се сами во оваа трагедија, потенцираше Вучиќ во телефонскиот разговор со премиерот Заев, соопштија од прес – службата на српскиот претседател.

Тој на повредените им посака брзо и успешно закрепнување.

Речиси сите српски медиуми од синоќа и денес ја информираат српската јавност за големата трагедија со пожарот во Ковид болницата во Тетово, пренесува МИА.

Сочувство за синоќешната трагедија во модуларната болница во Тетово изрази и министерот за надворешни работи на Бугарија Светлан Стоев.

Тажен сум и скршен од трагедијата со пожарот во Ковид болницата во Тетово, која однесе човечки животи! Нашето најискрено и најдлабоко сочувство до семејствата и блиските на загинатите. Бугарија е солидарна со Република Северна Македонија во ова тажно време, му напиша на Твитер шефот на бугарската дипломатија Светлан Стоев во пораката на Твитер до својот македонски колега Бујар Османи.

Албанскиот премиер Еди Рама, исто така, изрази длабоко сочувство до семејствата на жртвите од пожарот во модуларната болница во Тетово, а на повредените им посака побрзо закрепнување.

Придружувајќи се кон сите вас во искреното и најдлабоко сочувство до семејствата на жртвите од синоќешната трагедија во Ковид болницата во Тетово, како и во братската прегратка за целата тетовска заедница и сите луѓе од Северна Македонија, ви посакува мирен ден вам и на вашите семејства, напиша Рама во објавата на Фејсбук.

И министерката за надворешни работи, Олта Џачка, напиша дека е „длабоко тажна поради трагедијата во Ковидболницата во Тетово“.

Најискрено сочувство до семејствата и целата албанска заедница. Вашата болка е и наша болка, вашата трагедија е и нашата трагедија, напиша таа на Фејсбук.

Сочувство до семејствата на жртвите од пожарот и побрзо закрепнување на повредените посака и лидерот на опозициската Демократска партија, Љуљзим Баша.

Премногу е тажна веста од Тетово. На овој трагичен ден се придружувам на болката на семејствата и роднините на жртвите и изразувам искрено и длабоко сочувство. Бог да ви даде сила да се соочите со оваа трагедија. Брзо закрепнување на повредените, пишува Баша.

Во врска со овој трагичен настан прв, пред полноќ реагираше шефот на државата, Илир Мета, наведувајќи дека со длабока загриженост и тага ја следи трагедијата што се случи во тетовската болница.

Исклучително сериозен и вознемирувачки настан, особено за бројот на пријавени жртви. Изразувам искрено и најдлабоко сочувство за загубените животи и ја споделувам големата болка со нивните семејства. Посакувам што побрзо заздравување на повредените. Изразувам целосна солидарност со државните органи на Северна Македонија, кои вложуваат максимални напори да спасат што е можно повеќе животи и да ја стават ситуацијата под контрола. Моите мисли и молитви се со Тетово, напиша Мета нешто пред полноќ.  

OhridNews