Стручните лица предупредуваат- не користете солариум затоа што е штетен за кожата. Зачестеното користење на солариум двојно го зголемува ризикот од појава на рак на кожа поради УВ зраците кои се канцерогени.

-УВ зраците од солариумот на вештачки начин го стимулираат ослободувањето на меланоцитите, безбојни клетки кои се наоѓаат во кожата и чија намена е заштита од сонце. Со нивното активирање се создава пигментација, кожата потемнува привремено, но тоа значи дека се потрошил и заштитниот слој клетки кој ја штити кожата од штетните зраци. Како резултат на тоа, на организмот му се потребни од 3 до 14 дена и дополнително оптоварување за повторно да се создаде овој слој на клетки. Додека не се создаде, кожата воопшто нема моќ да се заштити од природните сончеви зраци, што може да предизвика негативни последици и оштетувања на кожата, објаснува д- р Петар Бачев, специјалист за кожно-  венерични заболувања.

Стручните лица потенцираат дека во некои земји веќе е забранета употребата на солариум поради канцерогениот карактер на УВ зраците. Објаснуваат дека УВ зраците во дерматологијата се даваат како терапија само при тешки заболувања, при што пациентот се подготвува, два саати претходно пиејќи таблети за таа намена.

Македонија со 60 починати луѓе од рак на кожа во само една година – е втора земја во Европа по стапката на смртност од ова малигно заболување. Испитувањата покажале дека високиот процент на смртни случаи од меланом се должи на високото ниво на ултравиолетовото зрачење и зачестеното користење на солариум.

Т. К.