Министерството за внатрешни работи подготви оперативен план за обезбедување на претстојниот фудбалски натпревар меѓу репрезентациите на Македонија и на Шкотска, што ќе се одигра в сабота на Градскиот стадион во Скопје.

Реализацијата на планот, како што информира МВР, почнува утре имајќи предвид дека се очекува да пристигнат првите групи шкотски навивачи во Македонија.

Оперативниот план опфаќа активности кои ќе бидат преземени пред одржувањето на натпреварот, за време на самиот натпревар и по неговото завршување. Ќе има засилено полициски присуство во централното градско подрачје и во хотелите каде што ќе бидат сместени гостинските навивачи. Полицијата на денот на одигрувањето на натпреварот ќе биде поставена во неколку обрачи околу стадионот и во самиот стадион. Сообраќајната полиција ќе воспостави и посебен режим на сообраќајот. При самиот влез на трибините, полициските службеници ќе вршат засилени контроли и претреси, при што ќе бидат отстранувани гледачите кои што ќе се обидат да внесат предмети и пиротехнички средства со кои би можеле да предизвикаат инциденти или нарушување на јавниот ред и мир.



Согласно изработениот план, шкотските навивачи ќе бидат сместени на источната трибина, а на сите оние кои на незаконски начин ќе дојдат до влезници за другите трибини, нема да им биде дозволен влез. Со оглед на тоа што влезниците треба да се продаваат со приложена лична карта, против препродавачите ќе бидат преземени соодветни мерки. Утре и задутре се очекува да пристигнат и службени лица од шкотската полиција кои треба да помогнат во надгледувањето и контролата на шкотските навивачи.

ohridnews