„Не бараме затворање ниту иселување на Заводот за лекување, рехабилитација  и превенција на кардиоваскуларни болести Свети Стефан во Охрид, туку само бараме да се договориме околу условите на користење на просторот во кој е сместена  оваа здравствена установа, а кој е во сопственот на Сојузот на борците“

Ова го истакна претседателот на Општинската организација на Сојузот на борците-Охрид, Крсте Крстаноски на прес конференција што денеска се одржа во Охрид. Тој истакна дека некои медиуми вршат хајка против боречката организација и изнесуваат невистини за случајот. Крстаноски објасни дека договорот што Кардиолошкиот завод во Охрид за користење на просториите го има  со Сојузот на борците склучен во 1992 година е со важност од 15 години и истекува на крајот од декември. „Поради тоа ние од месец мај бараме средба со управата на болницата или  надлежното Министерство за да се договориме околу продолжувањето на договорот, но досега никој не се одзва на нашата покана“, рече Крстаноски. Тој посочи дека затоа Сојузот на борците испратил предлог договор до Заводот за кардиологија кој како што рече е појдовна основа за преговори.

Тој истакна дека побараната кирија од 12.500 (1,5 евра поквадрат) можеби е преголема но тоа е само предлог, како и дека досега само фондот за здравство дал свој предлог за надомест од 2500 евра за користење на болничкиот простор но конкретна средба не била остварена со никого.

Крстаноски објасни дека Сојузот на борците од 1998 година не е корисник на буџетски средства и дека средствата од кирии од објектите кои се во сопственост на боречката организација и се потребни за да може да функционира и да ги реализира програмите за одбележување на празници и значајни датуми од Втората светска војна. Се друго изнесено во медиумите е невистина и негирање на придобивките од народно ослободителната војна рече Крстаноски. Па ние борците сме најредовни пациенти во Заводот за кардиологија и зарем мислите дека ни одговара тој да биде затворен? -запраша Крстаноски.

Директорот на Заводот за лекување, рехабилитација  и превенција на кардиоваскуларни болести Свети Стефан во Охрид, д-р Никола Бакрачески, денеска изјави дека Управата на болницата го известила Министерството за здравство дека истекува договорот со Сојузот на борците и дека тоа е надлежно за решавање на случајот.

Г.Момироски