Претседателството на Општинската организација на Сојузот на борци од НОАВМ 1941-1945 од општините Охрид и Дебрца деновиве ја одржа својата конститутивна седница во нов состав. На седницата биле усвоени повеќе работни документи, бил направен осврт на работата во изминатите 6 месеци и биле утврдени целите и задачите за наредниот период, согласно статутарните определби и програмските насоки.

-Претседателството истакнува дека Сојузот на борци има морален кредибилитет и животен интерес да се залага и да се бори за опстанокот и безбедноста на земјата, како и за стабилен, демократски, општествен и економски развој на Република Македонија и просперитетен живот на нејзините граѓани, без разлика на етничка, верска и политичка определба. Така како што прокламира Првото Заседание на АСНОМ при создавањето на првата слободна држава, темелница на денешна самостојна и суверена Република Македонија, се вели во соопштетието испратени до медиумите.

Сојузот на борците смета дека во овој судбоносен политички момент за Република Македонија е најнеопходно насочување на сите општествени и творечки сили во земјава за надминување на овие состојби, реформирање на демократските вредности на правната држава и натамошен развој на земјата.

-Сојузот на борци ги повикува политичките лидери да изнајдат решение за излез од политичката криза бидејќи со непродуктивните лидерски средби и закочените преговарачки процеси, се зголемува револтот кај сите граѓани на Македонија. Ако е искрена заложбата за ставање на интересите на граѓаните пред партиските и личните интереси, компромисот мора да се постигне во најкус можен рок, потенцираат од Сојузот на борците од општините Охрид и Дебрца.

Оттаму повикуваат на доследно почитување на договорот од 2-ри јуни и формирање на преодна влада, влада која доследно ќе ги исполни препораките на Европскита комисија содржани во извештајот на Прибе. Според Сојузот на борци, преодната влада мора да создаде услови за фер и демократски избори во април 2016 година.

OhridNews