Моментално најпопуларно име на светот за девојчиња е Софија, кое лесно се изговара на многу јазици, а значи мудрост. До тој заклучок дојде американскиот експерт за имиња Лаура Ватенберг, која наведува дека меѓу земјите во кои најчесто се среќава името Софија се Мексико, Италија, Русија и САД, пренесуваат електронските медиуми.

Ватенберг вели дека интересно е тоа што на толку различни јазици и во толку различни култури едно име звучи исто. Тоа сигурно кажува нешто за начинот на кој денес се пренесува културата. Софија е меѓу првите 25 имиња во две третини од земјите кои водат статистика за зачестеноста на давањето одредени имиња на децата, повеќето во Европа и Америка. Моменталната голема популарност на тоа име Ватенберг го објаснува со фактот што името лесно се изговара на разни јазици и дека значи мудрост.