Министерството за образование и наука (МОН) заедно со локалната самоуправа и бизнис заедницата од денеска почна социјален дијалог за усогласување на уписните политики за средното стручно образование за учебната 2022/23 година, со цел зголемување на бројот на запишани ученици во средните стручни училишта, поттикнување на компаниите за пракса, но и промоција на дуалните паралелки.
Министерот за образование и наука Јетон Шаќири денеска пред почетокот на овој дијалог изјави дека станува збор за исклучително важен процес кој ќе се реализира во следните 20 дена. Тој потсети дека ова е втора година како МОН иницира дијалог на локално ниво во соработка со Швајцарската амбасада и како што рече, покажал успешен резултат во 2020/21 година. Бројот на дуални паралелки од 11 се зголемил на 97, со вклучени над 200 компании. Од 10. 683 средношколци во државава, во учебната 2021/22, 1.400 го избрале дуалното образование, а меѓу најбараните струки се машинска, електротехничка, хемиско-технолошката, економско-правната. Инаку, ученици кои ќе се запишат во дуалните паралелки се стипеднирани со 3.500 денари месечна стипендија.
Колку е поуспешна оваа соработка и навреме се утврдуваат реалните потреби, толку побрзо ќе ја постигнеме посакуваната заедничка цел да обезбедиме стручен кадар што недостига, но и да ја зголемиме можноста за побрзо вработување на младите и веднаш по завршувањето на школувањето и нивното останување на местата каде што живеат и да придонесат за економски раст и развој на општините и на државата, рече Шаќири.
Пред овој дијалог од МОН бил спреведен прашалник меѓу компаниите за заинтересираноста да учествуваат во креирање на дуалните паралелки за учебната 2022/23 година.
На наше задоволство, околу 400 компании ни одговорија на прашалникот, а дури 90 проценти од нив се подготвени да примат ученици на пракса кај нив, со што директно ќе се вклучат во создавање на поквалитетно стручно образование, од кое ќе излезат добро обучени кадри кои се подготвени веднаш да започнат со работниот процес, додаде Шаќири.
Извршниот директор на Стопанската комора, Антони Пешев изјави дека уште од 2007 година е јасно оти она што се случува со средното образование и генерално со образовниот систем во државата не одговара на потребите на компаниите. Според него потребно е да се изгради свест во државата и да се направат неколку клучни предуслови.
Првиот, како што рече, е економијата, која иницира ваков тип на образование, да ги прифати кадрите кога ќе завршат со средно образование и да им даде коректна позиција во рамките на компаниите и покрај тоа што немаат високо образование. Втората категорија, посочи, е средните училишта тоа да го следат и да обезбедат кадар кој ќе биде спремен да влезе во процесот на обезбедување на кадри, и третиот аспект е државата како носител на образовната функција да го прифати тоа и во образовните програми е спремна да ги модификува кон потребите на реалната економија, а каде тие млади луѓе треба да се вработат.
Она што е важно, е дека ние не работиме само на она што е директна комуникација со Владата, работиме и на надворешни спонзори. Оваа година осум средни училишта и преку 30 компании добија поддршка за опремување на средните училишта со технологија, лаборатории, и со нешто што е потребно за да младите луѓе кои учат таму бидат спремни за предизвиците на работата веднаш по завршувањето на средното образование, истакна Пешев.
OhridNews