Охридското социјално друштво „Св. Наум Охридски“, во кое членуваат голем број на иселеници од Охрид на 4-ти јули 2015 година го организираше традиционалниот хуманитарен „Охридски Бал“ во Мелбурн, Австралија.
Како што информира претседателот на друштвото Васко Ангеловски, собраните средства од влезниците oд балот ќе бидат наменети за хуманитарни цели односно за опремување на Геријатриското одделение при Општата Болница во Охрид. Ангеловски порача дека друштвото и натаму ќе работи на афирмација на македонската кауза, негување и чување на македонскиот идентитет, јазик, култура и традиции во Австралија.
На хуманитарната средба која се одржа по 32-ри пат, присуствувале околу 450 иселеници, помеѓу кои и конзулот на Република Македонија во Мелбурн Бети Коруновска. Средбата била поддржана од градежната компанија „Адора инженеринг“, а гостите ги забавувале познати естрадни уметници и виртуозот на виолина Зоран Џорлев од Македонија.
Охридското социјално друштво „Св. Наум Охридски“ од Мелбурн Австралија, повеќе три децении ги помага немоќните и социјално загрозените граѓани во Охрид и одржува силни врски со родниот крај. Минатата година ова здружение обезбедни донација за охридската болница.
Поради своите хуманитарни активности, ова здружение ја доби и Повелбата на Република Македонија за македонските иселенички организации „Македонија памети“ од претседателот на Македонија Ѓорге Иванов.
OhridNews