Во текот на расправата пратениците влегоа во жолчна дискусија уште за првиот кандидат Зоран Трајчевски, предложен од страна на претседателот Ѓорге Иванов.
За опозицијата, проширувањето на СРД е резултат на, како што рекоа, политичкиот пазар меѓу Никола Груевски и Али Ахмети при составувањето на новата влада и дека со предложувањето на шестте кандидати, се врши партизација и контрола на ова регулаторно тело.
За власта, пак, изборот на новите членови на СРД ќе значи зајакнување на улогата на ова тело, а не негова партизација.
Собранието, претходно, не го прифати барањето на опозицијата за повлекување на точката од дневен ред. Тие во предложувањето на кандидатите препознаа и процедурални недостатоци.
За нови членови на СРД, покрај Трајчевски, е предложен и Селвер Ајдини како кандидат на Претседателот на државата. Директорот на државниот испитен центар, Методија Јанчески е предложен од страна на Државната Комисија за спречување на корупција, Методи Стоименовски од ЕЛЕМ доаѓа како предлог на Комисијата за заштита на конкуренцијата, додека ЗЕЛС за нови членови на СРД ги предлага Лазо Петрушески од Електротехничкиот факултет и новинарот Замир Мехмети.
извор: „Макфакс“