Делегација на Собранието во состав Дарко Каевски, Александар Николоски и Арта Биљали Зендели ќе учествува на редовнaта зимска сесија на Парламентарното собрание на Советот на Европа што се одржува во Стразбур од 23 до 27 јануари, соопшти собраниската прес-служба.
На почеток на сесијата, пратениците ќе избираат претседател и потпретседатели на Парламентарното собрание. И оваа година на Собранието на Република Северна Македонија му припаѓа едно потпретседателско место и функцијата, како и до сега ќе ја извршува шефот на Делегацијата, Дарко Каевски.
Во фокусот на сесијата ќе биде борбата против насилството врз жените, со првична расправа за сексуалното насилство поврзано со конфликти, по што ќе следи дебата за Истанбулската конвенција, за улогата и одговорноста на мажите и момчињата во запирање на родовото насилство врз жените и девојчињата и за изнаоѓање решенија за брачно ропство.
Други теми на агендата ќе бидат: влијанието на вооружените конфликти врз животната средина, странските борци на ДАЕШ и нивните семејства кои се враќаат од Сирија и од други места, како и етичките, културните и образовните предизвици на апликациите за следење.
Дневниот ред на сесијата предвидува и одржување итна дебата за „ Човековите права и правните аспекти на агресијата на Руската Федерација против Украина, со учество на Олександра Матвичук, раководител на Центарот за граѓански слободи и лауреат на Нобеловата награда за мир за 2022 година.
Пред пратениците на Парламентарното собрание обраќања ќе имаат премиерката на Исланд Катрин Јакобсдотир и германската министерка за надворешни работи Аналена Бербок. Генералниот секретар на Советот на Европа Марија Пејчиновиќ Буриќ ќе ја презентира својата работа пред пратениците на ПССЕ и ќе одговара на нивни прашања.
Во текот на сесијата, односно на 24 јануари со комеморација ќе биде одбележан меѓународниот ден во спомен на жртвите на холокаустот.
OhridNews