Собранието утре и официјално започнува со работа со 123. седница на која единствена точка на дневен ред е Предлогот за пристапување кон измена на Уставот на Република Северна Македонија. Седницата треба да почне во 11 часот со утврдување на дневниот ред, по што треба да почне претресот за потребата од носење на уставните измени.
Осумдесет пратеници се потребни за глас за европска Македонија. На Владата и се потребни 61 пратеник за да може полноправно да одлучува и да работи до изборот на следна влада. Двотретиснкото мнозинство во Собранието за овие уставни измени е императив за секој граѓанин во државата. Ова го изјави премиерот Димитар Ковачевски на новинарско прашање зошто смета дека избори не се решение, а нема двотретинско мнозинство за усвојување на уставните измени.
Вие гледате дека една од клучните теми се животниот стандард, социјалната заштита владеењето на демократијата. Тоа се трите елемнти според кои што ЕУ е најдобра во свет, на ниво на САД и ние како држава се стремиме да ги исполниме тие стандарди. Затоа кога ќе кажеме двотертинско мнозинство или 80 пратеници тие не се потребни за Владата, тие се потребни за граѓаните на оваа држава. Кога почна процесот имаше голем број коментари кои што беа повеќе во насока на правење на хистерија дека Македонија ќе била бугаризирана, ќе сме го изгубеле јазикот, ќе било асимилација. Ништо од тоа не се случи. Еве после една година ние имаме чист загарантиран македонски јазик во ЕУ, потврден преку Договорот Фронтекс, македонскиот идентитет станува дел од мозаикот на идентитети во ЕУ, целото законодавство на ЕУ се преведува веќе на македонски јазик. И поголема меѓународна потврда на јазикот и идентитетот на една држава, од едно такво признание од најголемиот сојуз во Европа нема, рече Ковачевски по посетата на компанијата „Дата Мастер“ во Скопје.
Како втор аргумент тој наведе дека кога се видело дека обвинувањата за бугаризација немаат никаква основа и дека биле демантирани, се бараа гаранции од големите држави дека тие сега стојат зад нашиот идентитет.
Сметам дека 10-дневната дебата во Собранието е добра можност граѓаните уште еднаш се уверат дека се работи за процес кој што е остварување на втората стратешка цел по членството во НАТО на нашата држава и дека што побрзо го направиме тој процес токолку побрзо ќе станеме и земја членка на ЕУ. За прв пат ветото на нашата држава не доаѓа од надвор туку може да дојде од внатре, рече Ковачевски.
Уставни измени нема да има, Ковачевски нема пратеници за промена на Устав, нека се спрема за брзо заминување, велат во денешното соопштение од ВМРО ДПМНЕ.
Ковачевски ако имаше пратеници за уставни измени истите ќе ги ставеше на гласање многу одамна. Утре ќе се види повторно дека промена на Устав нема да има. Се што прави Ковачевски е држење на државата во заложништво заради неговата желба ден повеќе да остане на власт. Додека Ковачевски и власта продаваат магла, нивните пајташи низ државата прават криминал, договараат тендери и матни зделки, а народот се иселува. Време е Ковачевски да се исели од владата, а не народот од државата, додаваат од ВМРО ДПМНЕ.
Согласно Деловникот за работа на Собранието, дебатата трае најмногу десет работни дена и доколку е така треба да заврши на 31 август. Пратеник во текот на претресот може да говори повеќе пати во траење од вкупно 20 минути, а координатор на пратеничка група вкупно 30 минути. Претставникот на предлагачот во претресот може да говори повеќе пати но, не повеќе од 30 минути вкупно. Одлуката за пристапување кон измена на Уставот, Собранието ја носи со двотретинско мнозинство гласови од вкупниот број пратеници односно со 80 гласови.
OhridNews