На средбата на лидерите на најголемите политички партии, која траеше час и половина, а треба да продолжи попладнево од страна на ВМРО-ДПМНЕ била предложена агенда со мерки и активности во согласност со условите кои ги поставува опозицијата, според која Собранието би се распуштило на 31 март, пренесува „Макфакс“.

Лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Никола Груевски и претставниците кои го придружуваа на средбата Мартин Протоѓер, Гордана Јанкулоска и Силвана Бонева предложиле  комплетна агенда според која утре би требало да се избере претседател на ДИК, како и да се усвојат измените на Изборниот закон и да се формира повремена комисија за утврдување на состојбата со избирачкиот список. Оваа комисија на 26-ти март, според проценките на владејачката партија, треба да ја заврши својата работа и да поднесе извештај до Собранието, а истиот тој извештај да биде прифатен најдоцна до 30-ти. Во агендата која е предложена се предвидува распуштање на Собранието на 31 март.

Доколку опозицијата утре не се врати во собраниските клупи, како што информираат од ВМРО-ДПМНЕ, не се исклучува можноста владејачкото мнозинство само да го избере претседателот на ДИК.

За Законот за рамномерна распределба на средствата за информативните кампањи, кој е еден од условите на СДСМ,  од ВМРО-ДПМНЕ бил повторен фактот дека во ниту една држава во светот не постои таков закон. За да се најде решение тие предлагаат од денот кога ќе се распушти Собранието да се прекинат сите информативни кампањи од страна на Владата, иако како што велат, тоа не е законска обврска.

Во однос на случајот „Пајажина“, од владејачката партија го повториле ставот  дека политичките партии, Собранието и Владата немаат надлежност да се мешаат во овој случај којшто е целосно во рацете на судската власт.

Лидерот на СДСМ, Бранко Црвенковски и претставниците со кои беше придружуван,  Наташа Савова, Андреј Петров и Јани Макрадули, уште еднаш ги изнеле условите  кои бараат да бидат исполнети за да се вратат во парламентот.

СДСМ бараат во Изборниот законик да се вметнат препораките на ОБСЕ и ОДИХР, загарантираните квоти за помалите етнички заедници и избирачките одбори да бидат составени од членови на партиите.

Како што информираат од партијата, тие ќе се вратат во Собранието само доколку се прочисти Избирачкиот список, се донесат измените на Изборниот законик и биде донесен закон или кодекс за регулирање на работата на медиумите во однос на распределбата на владините кампањи, како и условот поврзан со медиумите од „Перо Наков“.

За  избор на претседател на ДИК, од СДСМ велат дека е легално да се изгласа без опозицијата, но дека нема да биде легитимно и доколку тој биде од опозиција. Во врска со комисијата за утврдување на состојбата со избирачкиот список, СДСМ инсистираат таа да не биде собраниска комисија.

На почетокот на средбата Црвенковски побарал и одржување поширока лидерска средба бидејќи како што велат од СДСМ, разговорите кои што се однесуваат на изборниот процес треба да се водат и во присуство на другите лидери од парламентарните партии.

Во попладневниот дел од средбата се очекува да бидат изнесени ставовите на владејачката ВМРО-ДПМНЕ во врска со барањата на СДСМ.

OhridNews
извор: „Макфакс“