Интерпелацијата ја поднесе опозициската СДСМ која побара одговорност од Јанакиески за бродската несреќа на Охридското Езеро во која животот го загубија 15 бугарски туристи.
За време на собраниската расправа за интерпелацијата по повод бродската несреќа од 5-ти септември, пратеникот од СДСМ Томе Чингоски упати обвинување до министерот за транспорт дека од охридската Капетанија направил партиска канцеларија и приватна фирма во која се вработени роднини на Цветко Грозданов и Мартин Протоѓер.
Пратеникот од Охрид од редовите на ВМРО ДПМНЕ, Цветко Грозданов, пак, од собраниска говорница побара ослободување на капетанот, Сотир Филески, кој според него не е виновен за потонувањето на бродот „Илинден“ и дека тој всушност е 16-тата жртва, произведена од СДСМ.
По неколкучасовно препукување, мнозинството не ги прифати аргументите на опозицијата и не изгласа недоверба за министерот Јанакиески.
Претходно, по истиот основ СДСМ поднесе интерпелација и против министерката за внатрешни работи, Гордана Јанкуловска, која мнозинството во Парламентот исто така не ја изгласа.