Со 69 гласа „за“ и 14 „против“ пратениците го усвоија  Буџетот за 2010 година. Од вкупно 96 присутни на Седницата, гласаа 83 пратеници.

Како што јавува „Макфакс“, Буџетот за 2010 година предвидува ревидирање на приходите за 4,8 милијарди денари или за 3,3 проценти и соодветно намалување на расходите за 4,7 милијарди денари или за 3,1 процент.

Најмногу пари или 85 милиони евра се кратат кај капиталните проекти, а за 23 отсто се намалуваат средствата на Агенцијата за државни патишта и за 30 проценти помалку добиваат министерствата за финансии и култура.

Владата на 10 јуни во предложениот ребаланс го намали буџетот за 4 милијарди и 700 милиони денари (76,4 милиони евра), и ги намали платите на премиерот и министрите за 10 отсто. Со ребалансот на буџетот не е предвидено зголемување на даноците и намалување на платите во јавниот сектор и се обезбедува 3,5 милијарди денари за здравство, пензискиот фонд и социјалната помош.

Целта е да се одржи и буџетскиот дефицит на ниво од 2,5 отсто од БДП кое обезбедува оптимално ниво на дефицитот со што Владата ќе овозможи извесна буџетска поддршка на реалниот сектор, а ќе се обезбеди и да не се зголеми јавниот долг.

На почетокот на седницата во понеделникот вицепремиерот Зоран Ставрески изјави дека целта на ребалансот е да ја сочува фискалната стабилност, во корист на стопанството и граѓаните и да се одржи социјалната стабилност во време на криза.

За пратеничката на СДСМ, Цветанка Иванова ребалансот е потврда на неуспешните проекции на Владата.

„Овој ребаланс е прикривање на вистинската слика, вакви промашувања како што има оваа влада не се забележани вие не слушате никој друг освен себе си и оставате порака дека не сте сериозни“, рече Иванова.

Иванова пред изгласувањето на Буџетот, дебатираше за лошата состојба во образованието, здравството, стопанството, за неисплатените субвенции на земјоделците.

OhridNews
извор: „Макфакс“