Со 95 гласа „за“ и еден воздржан Собранието ја усвои Резолуцијата за утврдување на македонските државни позиции во контекст на блокадите на европските интеграции, поднесена од пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ.Претходно, пратениците го поддржаа амандманот поднесен од група пратеници во Резолуцијата да се внесе уставното име на државата,Република Северна Македонија.
За Резолуцијата говореше само по еден претставник на пратеничките групи.
Пратеникот од пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ Тимчо Муцунски, образложувајќи ја потребата за усвојување на Предлог-резолуцијата рече дека со целосен консензус за нејзино донесување, пратениците имаат можност да покажат силно единство, подготвеност за рационален дијалог и компромис и јасно изразена волја во насока на забрзување на европската перспектива и зацврстување на државниот и национален суверенитет на државата.
Македонскиот идентитет и јазик се неприкосновена реалност на нашиот народ. Тие се наше наследство од претходните генерации и аманет за идните генерации. Токму затоа со оваа Резолуција посакуваме да ставиме крај на постојано присутните тенденции на негирање на волјата на народот и на преговори без граници за теми и дилеми кои припаѓаат во вековите од далечното минато. Ова се нашите црвени линии, ова е тоа преку коешто никој ниту имал, ниту ќе има мандат да премине кажа Муцунски.
Координаторот на пратеничката група на СДСМ Јован Митрески рече дека за социјалдемократите е прифатлива Резолуцијата, но, со прифаќање на нивниот амандман со кој во неа се внесува уставното име Република Северна Македонија, со цел таа да биде во согласност со Уставот.
Македонскиот јазик, македонскиот идентитет и македонската посебност се меѓународно признаени и потврдени, влезени во нашата лична карта во Обединетите нации. Нашите меѓународни позиции се јасно поставени и не знам по колку пати јавно повторени-за македонскиот идентитет, македонскиот јазик, за македонската посебност, немало, нема и никогаш нема да има преговори. Едноставно, не може да се преговара за тоа што е неспорен факт. Денес, за целиот свет ние сме Македонци, кои зборуваат македонски јазик, рече Митрески.
Официјалното име на усвоениот документ е Резолуција за утврдување на македонските државни позиции во контекст на блокадите на европските интеграции, и со него се обврзува Владата во преговорите со Бугарија за надминување на бугарската блокада за почеток на пристапните преговори со ЕУ да се почитува континуитетот на македонскиот јазик и неговите дијалекти, како и да се почитува автохтоноста на македонскиот народ и неговиот историски, јазичен, културен и религиски континуитет, сето тоа базирано на сознанија на науката и утврдените факти, теории и истражувања и почитување на меѓународното право.
OhridNews