Собрани се потребните средства за лекување на охриѓанката Бојана Танеска Бонеска. Како што информираше Бојана на нејзиниот Фејсбук профил, затворени се и телефонските линии за донации.
Господ не дава на сите се, туку на сите по нешто, за да можеме да си се најдеме. Како што вие ми се најдовте мене. Најголемата лична победа на секој човек во денешно време е да остане Човек и тоа е поголема од било кој материјален успех. А вие покажавте колку многу ја има меѓу нас. Многу сум благодарна на мојот најмил Охрид, на мојата земја, дека ме држеа на раце кога немав тло под нозете. Дека ми дадоа воздух кога немав ни здив, дека ми подадоа рака, кога најмногу ми требаше… Ви благодарам на секој Еден Човек кој барем еднаш помисли и се помоли за мене. На секој Еден кој бар еднаш донира, сподели или мотивира некој друг. Човекот не е гладен само за храна, туку и за добрина. Ве известуваме дека потребните средства се собрани, вели Бојана во објавата на Фејсбук профилот.
Животот, посочува, не е секогаш удобно место на фотелја, знае да се урне како кула од карти.
Се ова е Божја промисла, која не учи да сме понизни и да не врати кон него. Мојата борба ќе трае, но знам, колку и да е тешко, душата кога поминува низ болка станува помирна и поблиска до Бога, а кога се има поддршка, се е полесно. Ви посакувам Бог да ви даде здравје, порача Бојана.
Инаку, периодов беа организирани низа хуманитарни настани и акции во Охрид и низ државава со цел собирање на средства потребни за лекувањето на Бојана на која пред девет месеци и беше дијагностициран „Small Bowel Neuroendocrine Carcinoma“. За лекувањето потребни беа да се соберат 90 илјади евра.
Н.С.Ј.