Благодарение на одличната физичка заштита на рибочуварите од концесионерот „Пастрмка 2012“ вештачкиот мрест на охридската пастрмка во 2015 година е најсупешниот во последната деценија.
-Тоа се должи пред се, не само на рибочуварската заштита, туку и на сите вработени кои деноноќно ги чуваа плодиштата на охридската пастрмка. Три години веќе учествуваме во вештачкиот мрест на пастрмката, а оваа година успеавме да собереме 2,5 милиони зрна икра од охридската пастрмка, од кои 2,1 милион на охридскиот, а остатокот на струшкиот дел од езерото. Имавме и одлична соработка со Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство, изјави Ристе Танасоски, сопственик на „Пастрмка 2012”.
Тој истакна дека иако собирањето на икра е речиси завршено, ќе продолжи физичката заштита на езерото, се додека трае забраната за лов на охридска пастрмка заклучно со 20-ти март.
-Можам да кажам дека преку 95 % го намаливме рибокрадството на Охридското Езеро, останаа само уште некои поедици рибокрадци кои можат да се набројат на прсти, но веќе за поголемиот дел од нив имаме започнато постапка. Се надеваме дека со успешни вештачки мрестови и физичка заштита преку целата година ќе допринесеме за возобновување на дел од популацијата на охридска пастрмка, рече Танасоски.
Од Хидробиолошкиот институт од Охрид, со чија помош се изведува вешатачкиот мрест велат дека од година во година се возобновува рибниот фонд.
-Физичката заштита навистина придонесува на заштитата на рибните плодишта и резултатот кој произлезе оваа година, каде што се фатени и вратени над 2000 килограми пастрмка, значи дека и мрестовите се возобновени. Показател е што се заловувани матици, кои биле ловени и пред неколку години кои и повторно дошле на својот мрест, рече Зоран Спиркоски од Хидробиолошкиот институт. Тој нагласи дека годинава за многу кратко време успеале да соберат голема количина на икра, споредено со претходните години.
Инаку според планот кој е направен помеѓу техничките лица од Албанија и Македонија, Охридското Езеро треба да се порибува со 3, 5 милиони единки подмладок на пастрмка кој е шест месеци прихрануван.
OhridNews