Помош за неодамна опожарениот манастир Св. Јован Бигорски пристигнува од сите страни, но таа е недоволна за да се изврши реконструкција на уништените делови, велат црковните лица.

Во пожарот целосно изгореа 200 години старите конаци, трпезариите и библиотеката. Владата како и повеќе компании донираа по 10 и повеќе илјади евра за реконструкција на опожарените делови од манастирот, а според одговорните во црквата приоритет во монентов е да се обнови живеалиштето на монасите. Поради тоа од манастирот апелираат до донаторите најпрвин да се контактира со нив за да се обезбедат најпотребните работи.

Манастирот Св. Јован Бигорски беше зафатен од пожар на 30 септември. Штетата што ја предизвика огнот се проценува на 5,5 милиони евра.

Манастирот посветен на Св. Јован Крстител, го основал монахот Јован во 1020 година. Во XVI век манастирот бил разурнат од Турците, а обновен е во 1743 година. Надалеку е познат по својот иконостас од ореово дрво кој во 19 век го изработила тајфата на Петре Филипов – Гарката и Макариј Фрчковски. Во манастирската црква се наоѓа и чудотворната икона на Св. Јован, како и многу други вредни реликвии меѓу кои и парче од крстот на кој бил распнат Исус.

Ohridnews