Во почетокот сите ангели биле добри. Подоцна некои од нив станале лоши, се одметнале од бога и почнале да прават злодела. Тие биле наречени ѓаволи. Еден меѓу нив по име Деница, заслепен од големата моќ што му ја дал Бог, собрал големо друштво и создал цело невидливо небесно духовно царство. Свети Архангел Михаил го победил, го симнал од небото, а и подоцна продолжил да се бори за славата Божја поради што е претставен во војводска облека со меч и копје во рацете. Во негова чест црквата го востановила празникот Собор на Свети Архангел Михаил кој се празнува на 21-ви ноември. Со овој празник им се оддава признание на сите ангели кои ги има безброј. Се поставува прашањето зошто токму во ноември се празнува денот на ангелите? Според некои месецот ноември е одбран поради тоа што во поранешното сметање на времето кога годината започнувала во март, ноември бил деветтиот месец во годината, а девет се чиновите ангелски. Ангели има многу. Тие претставуваат цела небеска војска раководена од Господ Саваот( Саваот значи господар или командант на војската). Ангелите се поделени во девет чинови, групирани по три степени со по три чина. Во првиот степен влегуваат шестокрилите серафими, многуоките херувими и престолите, во вториот спаѓаат господствата, силите и властите и во третиот начелниците, ангелите и архангелите.
Во народното верување Архангел Михаил е претставен како со меч им ги зема душите на луѓето. Според преданието тој стоел на рајските порти и во едната рака држел сабја а во другата терезија. На едната страна од терезијата ги ставал добрите дела, а од другата гревовите и во зависност од тоа што ќе претежнело луѓето ги праќал во рајот или во пеколот.
Кузман Шапкарев забележал дека на Свети Арангел во охридско ги колеле свињите специјално ранети за зимата.
Ангелот на Света Софија
Ти којшто толку време мина
под малтерот на ѕидот мрачен
пак слободен си в простор зрачен
о сине тих на мисла сина
со животот пак ти гори видот
и зори како небо ѕидот.
Но таа лика што се крие
под малтерот на мојте гради
и утеха од дните млади
по убост како сестра ти е.
не, нема мајстор да ја спаси
со мојот живот ќе се згаси.
(Блаже Конески)