Пред да го создаде материјалниот свет (земјата, небото, ѕвездите, човекот), Господ го создал духовниот свет-ангелите. Тие се Господови гласници (ангел значи весник), ги пренесуваат божјите заповеди поради што на фреските се претставени со крила. Тие се поим за младост и безгрижност поради што се претставени како деца бидејќи староста и брчките на лицето се последица на животните грижи и страдања. Тие се насликани со бела облека што симболизира душевна чистота и невиност. Единствено Архангел Михаил е претставен во војводска облека.

Во почетокот сите ангели биле добри. Подоцна некои од нив станале лоши, се одметнале од бога и почнале да прават злодела. Тие биле наречени ѓаволи. Еден меѓу нив по име Деница, заслепен од големата моќ што му ја дал Бог, собрал големо друштво и создал цело невидливо небесно духовно царство. Свети Архангел Михаил го победил, го симнал од небото, а и подоцна продолжил да се бори за славата Божја поради што е претставен во војводска облека со меч и копје во рацете.

Во негова чест црквата го востановила празникот Собор на Свети Архангел Михаил кој се празнува на 21-ви ноември. Со овој празник им се оддава признание на сите ангели кои ги има безброј. Се поставува прашањето зошто токму во ноември се празнува денот на ангелите? Според некои месецот ноември е одбран поради тоа што во поранешното сметање на времето кога годината започнувала во март, ноември бил деветтиот месец во годината, а девет се чиновите ангелски. Ангели има многу. Тие претставуваат цела небеска војска раководена од Господ Саваот (Саваот значи господар или командант на војската). Ангелите се поделени во девет чинови, групирани по три степени со по три чина. Во првиот степен влегуваат шестокрилите серафими, многуоките херувими и престолите, во вториот спаѓаат господствата, силите и властите и во третиот начелниците, ангелите и архангелите.

Во народното верување Архангел Михаил е претставен како со меч им ги зема душите на луѓето. Според преданието тој стоел на рајските порти и во едната рака држел сабја а во другата терезија. На едната страна од терезијата ги ставал добрите дела, а од другата гревовите и во зависност од тоа што ќе претежнело луѓето ги праќал во рајот или во пеколот.

 

OhridNews