На денешен ден се празнува празникот Собор на Св. Архангел Гаврил. Овој празник е востановен во чест на Архангелот Гаврил, кој се смета дека служи како гласник на Бога и еден од големите Седум архангели кои стојат пред престолот Божји.
На денешен ден се слават и чествуваат неговите чуда и јавувања низ целата историја на човечкото спасение. Се смета дека оваа слава е востановена најпрво на Света Гора во IX век, за време на царевите Василиј и Константин Порфирородните и на патријархот Никола Хрисоверг, а по повод јавувањето на овој архангел во една келија близу до Кареја, каде што со прст на камен ја испиша песната кон Пресвета Богородица „Достојно ест“.
Во оваа прилика се приспомнуваат и останатите јавувања на архангелот Гаврил: јавувањето на Света Ана кога ѝ благовестеше со ветувањето дека ќе ја роди преблагословената и Пречиста Дева Марија; многукратното јавување на Пресветата Дева додека таа пребиваше во храмот ерусалимски; кога му се јави на првосвештеникот Захариј и го извести за раѓањето на Св. Јован Крстител; кога повторно ѝ се јави на Пресветата Дева во Назарет и и’ благовестеше за зачнувањето и раѓањето на Господ Исус Христос; јавувањето на пастирите кај Витлеем; му се јави и на Самиот Господ во Гетсиманската градина, кога Господ како човек беше поткрепуван од овој архангел пред страдањето и кога им се јави на жените Мироносици.
Јасминка Т. Момироска
Празнична богослужба и водосвет по повод празникот Кирик и Јулита