Апостолот Павле не бил меѓу познатите 12 Христови апостоли. Во почетокот бил противник на христовата вера и прогонувач на христијаните за подоцна да стане најсилен пропагатор на ова учење.

Роден е во гратчето Тарс во областа Каликија во Мала Азија. Првобитното јудејско име Савле(што значи измолен) сам го променил во Павле (од римски памлус-мал, малечок). Родителите го дале на училиште и набрзо станал образуван човек. Се занимавал со килимарство и од тоа живеел. Кога се појавило христијанското учење бил на страната на еврејските свештеници кои се бореле против оваа вера. Кога дошло до првиот судир во кој загинале многу христијани и Савле бил на страната на еврејските свештеници, ги фаќал христијаните и му ги предавал на судот.

Но еднаш кога патувал за градот Дамаск за и таму да се бори против христијаните му се случило нешто што од корен го изменило неговиот живот. Одеднаш блеснала силна светлина и тој паднал на земјата. Од светлината глас го запрашал:„ Савле, Савле, зошто ме прогонуваш?“ „Кој си ти?“-прашал исплашениот Савле. „Јас сум Исус што ти го прогонуваш!“-одговорил гласот.„ Господе што да правам?“-запрашал Савле.„ Стани и оди во Дамаск. Таму ќе ти кажам што да правиш!“

Савле станал но ништо не гледал. Придружбата го одвела во Дамаск каде што останал три дена. На третиот ден дошол еден побожен човек кој му рекол дека е испратен од Исус да му каже дека е време да прогледа и да се исполни со светиот дух. Во тој момент му се вратил видот, тој се крстил и од најжесток противник на христијанството станал негов најголем приврзаник. Откако брзо ја изучил христијанската наука почнал да проповеда по светот и познати се четирите негови патувања низ Мала Азија, Балканскиот и Апенинскиот Полуостров. Заслужен е за покрстувањето на многу луѓе. Пишувал посланија кои и денес во црквата се користат како свети книги и во нив ги упатувал верниците како треба да живеат за да ја имаат божјата наклоност. И во народниот говор се вели „ Од Савле стана Павле“ за некоја личност што од голем противник станал приврзаник на одредена дејност.

Со својата активност апостол Павле предизвикувал омраза кај еврејските свештеници кои неколку пати го затворале и мачеле. Бил обвинуван дека народот го поттикнува на непослушност. Еднаш бил предаден на Римјаните и наклеветен по што главата му била пресечена со меч. Поради многуте заслуги светата христова црква го ставила во редот на апостолите.

Светиот апостол Павле особено е значаен за нас Македонците. Своето прво патување надвор од Азија тој го направил во Македонија. Тоа започнало во 51, а завршило во 54 година. При своите патувања апостолот Павле организирал нови христијански општини, а старите ги утврдувал во новата вера.

OhridNews