Туристи на источниот Руски Арктик кои мислеле дека на брегот има парчиња мраз, останале вчудоневидени кога сфатиле дека тоа е всушност група од 200 поларни мечки. Мечките се движеле околу нивниот извор на храна, труп од кит.

Како последица од климатските промени, мразот на кој живеат поларните мечки се топи порано во годината, па тие се приморани да минуваат подолго време на копно, велат научниците. Борбата за малото количество храна на копно станува се посурова и посурова.


Локалното население исто така е изложено на ризик од навлегување на мечките во селата, во потрага по храна.

Рускиот остров Врангел е привременото живеалиште на мечките во периодот од август до ноември кога нема мраз. Нивниот главен извор на храна се фоките. Вистински дар за поларните мечки е возрасен кит, кој тежи неколку десетици тони и е доволен за прехрана на поголема група за неколку месеци.

Според истражувањата, во споредба со состојбата пред 20 години, поларните мечки сега минуваат просечно еден месец подолго на островот Врангел поради тоа што „мразот се топи порано и периодот без мраз е пролонгиран“, вели американецот Ерик Регер, кој е водечки научник на Руско- Американската студија за поларните мечки на островот Врангел.

Промените во топењето на мразот се причина и за зголемениот број на мечки на островот. Оваа есен биле забележани дури 589 мечки, што ја надминува старата бројка од 200-300 мечки.

Според проценките на Интернационалната Унија за конзервација на природата , на Арктикот има околу 26,000 поларни мечки, со долгорочен потенцијал за намалување како последица од топењето на мразот.

Мразот е клучен за опстанокот на овој вид бидејќи поларните мечки ловат само од површината на мразот и најчесто ги демнат фоките преку нивните отвори за дишење во мразот.

Ништо не може да ги замени фоките. Регер вели дека популацијата во Американско- Руското море Чуки е здрава во моментот, но како што се зголемува периодот минат на копно, така исхраната и здравствената состојба на мечките е изложена на промени.

Покрај алтернативните извори на храна на копно, ништо не може целосно да ја замени енергијата која ја добиваат мечките од јадењето фоки.

Во иднина ќе се соочиме со зголемен број на мечки кои ќе поминуваат се повеќе време на копно, а помалку време на мраз со помалку плен, што ќе резултира со низа негативни последици. Постои можност за конфликт помеѓу луѓето и поларните мечки. Не можеме да ги запреме климатските промени, но можеме да се погрижиме за ситуацијата на бреговите и да превземеме мерки од типот на патроли за да се сведе на минимум можноста за конфликт, предупредуваат научниците

OhridNews