Војните што ќе се водат во 21-от век  нема да бидат за нафта, туку за водата која се помалку ја има поради климатските промени во светски рамки. Ова беше речено на отворањето на меѓународната   Конференција за заштита на води што ја организира Балканскиот институт за вода и животна средина со помош на Министерствата за животна средина на Македонија и амбасадата на Франција во Македонија. Коорганизатор на конференцијата е  ЈНУ Хидробиолошки завод – Охрид.


водата е светски проблем – Марк Морел

” Водата е најголемиот проблем  во светот денеска како последица на климатските промени но се  очекуваат уште поголеми проблеми во текот на следните години. Токму затоа е и оваа меѓународна средба на која експертите воспоставуваат меѓусебна соработка на полето на заштитата”, изјави Марк Морел од Институтот за истражување и развој од Франција.

За состојбата со водата во светски рамки, како и за заштитата на овој најважен природен ресурс ќе бидат изложени над 200 научни трудови на експерти од  35 земји во светот. Над 150 научни работници во наредните четири дена во Охрид ќе дискутираат за климата, хидролошката состојба во светот, и за мерките за заштита на водите.


Експерти од целиот свет дискутираат за водата во Охрид

Конференцијата ја поздрави амбасадорот на Франција во Македонија, Бернар Валеро кој истакна дека ваквите научни собири ја зајакнуваат регионалната соработка за клучни прашања на заштитата на природното наследтсво, како што е водата, што како што истакна ќе биде  и еден од приоритетите на идното француско претседавање со Европската унија.

Присутните од име на македонската Влада ги поздрави Државниот секретар во Министерството за животна средина, Дејан Паноски, кој најави дека во групата закони за заштита на водите кои се во собраниска процедура е и Законот за интегрирано управување со води кој треба да придонесе за подобрување на заштитата на воддните ресурси во земјата.

Г. Момироски