Големиот бран нови случаи позитивни на коронавирусот Ковид 19, значително го оптоварија здравствениот систем. Откако капацитетите на болницата во Битола целосно се исполнија, Општата болница во Охрид стана Ковид центар во кој се згрижуваат лица со коронавирус и суспектни случаи од регионот. Но, и овие капацитети се речиси исполнети поради што болницата сега ги прима само случаите од градот, вели директорот на Општа болница Охрид Др. Горан Балевски.
Утрово тој беше во редовна обиколка на Инфективното одделение каде се хоспитализирани 15 пациенти позитивни на Ковид 19, а уште 8 високо сомнителни случаи има во дополнително отворените оддели во одделението за геријатрија кое доби пренамена поради корона кризата и хируршкото одделение.
Речиси повеќе да немаме место. Слободни се само уште три кревети. Ситуацијата е сериозна. Докторите и медицинскиот персонал, како и целокупните наши болнички капацитети се значително оптоварени. Особено Инфективното оддление каде луѓето се уморни од високото темпо кое се одржува со ограничен број лекари и медицински персонал. Ги преземаме сите мерки согласно здравствените протоколи, болницата мора да функционира бидејќи имаме и други случаи освен Ковид 19. – изјави за „ОhridNews“ Др. Балевски.
Поради зголемениот број случаи со Ковид 19 во Охрид, целокупниот медицински персонал е ангажиран за потребите на Општата болница која нема да може да одговори на повикот на здравствените власти за ангажман на доктори во другите Ковид центри во земјата, вели Др. Балевски. Тој изрази очекување дека и болницата во Струга каде исто така има голем број позитивни на коронавирус, ќе ги адаптира капацитетите на новонастанатата ситуација, со цел здравствениот систем да одговори на големиот предизвик пред кој е исправен.
Г.М.