Во просториите на ОУ „Ванчо Николески“ во Лескоец се одржа значајна дебата која ги собра наставниците, родителите и стручните соработници, со цел да се разгледаат клучните прашања поврзани со воспитно-образовниот процес. Дебатата беше организирана од Активот на општествено-јазичната група и Советот на родители, а темите на кои се дискутираше беа: „Колку наставниците ги познаваат своите ученици?“ и „Колку родителите навистина имаат време за своите деца?“.

На дебатата присуствуваа десетина наставници, дваесетина родители, педагогот Весна Терзиоска, психологот Александра Трпеска, како и директорот на училиштето, Сашо Климоски. Модератор на настанот беше наставникот по македонски јазик, Димче Донески, кој со својот вовед го отвори разговорот и ги насочи присутните кон важноста на меѓусебната комуникација помеѓу наставниците и родителите.

Една од клучните теми која предизвика голема дебата беше прашањето за тоа колку наставниците навистина ги познаваат своите ученици. Во текот на дискусијата, беше истакнато дека наставниците често се соочуваат со предизвици во запознавањето на учениците на подлабоко ниво, а многу од нивните потреби и потешкотии често остануваат незабележани. Родителите, пак, го нагласија значењето на свесното родителство и потребата за повеќе време и внимание посветено на децата. Тие посочија дека во денешното забрзано општество, родителите често се под голем притисок и не успеваат да најдат време за квалитетен разговор со своите деца, што доведува до поголеми проблеми во нивниот развој, информираат од училиштето.

Посочуваат дека се дискутирало и за начините на кои наставниците можат да го подобрат својот пристап кон учениците, како и да применат индивидуализирани методи на работа кои ќе им помогнат на учениците да ги надминат потешкотиите во учењето.

Наставниците истакнаа дека во контекст на денешната образовна реалност, треба да се изнајдат нови методи за поттикнување на ученичката одговорност и самостојност. Препорачано беше воведувањето на таков тип на домашни задачи и задолженија кои ќе го зголемат ангажманот на учениците и ќе ја поттикнат нивната креативност, но и нивната одговорност. Родителите нагласија дека е важно да се создаде атмосфера на отвореност и доверба помеѓу наставниците и нивните деца, како и да се поттикнат поголеми размени на информации за напредокот и проблемите на учениците. Се согласија дека е потребно да се најде начин за подобра комуникација и соработка, и не само во училиштето, туку и надвор од него.

Заклучоците од дебатата, велат, беа јасни и насочени кон важноста на целокупната соработка помеѓу наставниците, родителите и заедницата.

Изразена беше потребата за поголем фокус на емоционалната интелигенција на учениците и наставниците, како и за изградба на дополнителна позитивна клима во училниците. Препорачано беше создавање на безбедна и социјално инклузивна училница, во која секое дете ќе се чувствува почитувано, поддржано и среќно.

Директорот на училиштето, Сашо Климоски, во своето обраќање истакна дека училиштето е отворено за соработка со сите засегнати страни и дека ќе продолжат да работат на создавање на најдобрите услови за учениците.

Само преку здружените напори на наставниците, родителите и заедницата, ќе се обезбеди успешен и здрав развој на младите генерации, нагласи Климоски.

Во заклучокот на дебатата, сите присутни се согласија дека најважниот приоритет останува создавање на сигурна и поддржувачка средина за децата, поголем фокус на емоционалната интелигенција и на емпатијата, како и практикување и претпочитање на моралните вредности, со што ќе им се овозможи на учениците/децата да растат и да се развиваат во успешни, среќни и здрави личности. Должноста и честа и на семејството и на училиштето и на заедницата е токму тоа!

OhridNews