Локалната власт од Каен е заинтересирана да воспостави соработка со охридската општина, но само доколку се подготви програма во кои насоки ќе се одвива таа. Првиот човек на Охрид, Александар Петрески, идејата ја прифаќа и вели дека соработките во денешно време помеѓу општините не се сведуваат само на меѓусебни посети за значајни датуми. ” Соработката започнува обично со културата, спортот, а продолжува преку контактите на бизнисмените”, додава Петрески.
“Работиме на идејата за воспоставување соработка со Каен, и тоа ќе биде нашето прво збратимување со град во Франција”, вели Петрески.
Охридскиот градоначалник при минатонеделното учество на Меѓународната конференција на градоначалници што се одржа во Ерусалим, Израел, разговарал и за можноста Охрид да воспостави соработка и со израелскиот град Тибериј. “Тибериј има огромно значење во историјата на Израел. Сега таму има кампања за локални избори, а веднаш по завршувањето на изборите ќе ги збратимиме овие два града”.
До крајот на оваа есен, Охрид треба да се збратими и со едно од најмонденските места во Шпанија, градот Марбелја.
“Се почнува со соработка во културата, спортот и се продолжува со конкретни средби на бизнисмените. За нас се важни ваквите контакти зашто на тој начин полесно ќе дојдеме и до фондовите на Европската Унија”, дециден е градоначаникот.
Охрид досега е збратимен со повеќе градови од Европа и светот, а со некои има потпишано протокол за соработка.