Тркалезна маса „Блаже Конески во наставата по македонски јазик, литература и култура на странските универзитети“ се одржа виртуелно во рамките на 54. Летна школа на МСМЈЛК при УКИМ.
Со заложби на Меѓународниот семинар за македонски јазик, литература и култура при Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје (МСМЈЛК при УКИМ), благодарение на посветеноста на претходните и актуелните генерации лектори и професори, на странските универзитетски центри, творештвото на Блаже Конески се перципира, вреднува и истражува како синоним за македонската култура. Преку наставата по македонистиката, странските слависти и македонисти, не само што се запознаваат со творештвото на великанот, туку продолжуваат и со негово истражување, со интерпретации и толкувања на неговата поезија, како и со нови преводи. Во периодов, како резултат на присуството на делото на Конески во наставата, на странските универзитети се спроведуваат неколку значајни проекти коишто му се посветени токму нему, како истражувачки, така и преведувачки, а веќе се планираат и нови, коишто ќе следат по големиот јубилеј – 100 години од раѓањето на Конески, се вели во соопштението од Меѓународен семинар за македонски јазик, литература и култура.
Учесниците на тркалезната маса споделија искуства од практиката, како соодветно, научно издржано, но и современо, вклучително и мултимедијално, творештвото на Блаже Конески се предава на странските универзитети.
Притоа се потврди дека токму најсовремените методи во наставата се применливи со творештвото на Конески и уште поважно – токму тие и се применуваат при неговото претставување и изучување на странските универзитетски центри, дотолку што на некои од универзитетите, веќе се гради и простор за нешто што може да се перципира и како одделен предмет – Коневистика. Разменетите искуства ќе придонесат и за натамошни вложувања во начинот на којшто достоинствено, за Конески се говори и истражува пред и со новите генерации странски слависти. Одделно беше говорено и за предизвиците за преведување на неговото творештво, имајќи предвид дека иако е еден од најпреведуваните македонски автори, во некои културни средини сѐ уште има простор и потреба од нови преводни изданија, особено на поезијата на Конески и активно се работи на тоа, со силна поддршка од МСМЈЛК при УКИМ, додаваат во соопштението.
На настанот беше договорено вакви средби на коишто професорите и лекторите од странските универзитети разменуваат искуства од наставата да се одржуваат редовно и почесто.
OhridNews