Со трка од плоштадот кај Чинарот до градскиот плоштад, утре, сабота, ќе започне традиционалната манифестација „За посреќно детство“, што се одржува по десетти пат во организација на Стоматолошкиот центар Др. Баткоски и Црвен крст Охрид.

  • Поради големиот интерес, годинава ќе има две трки со старт за машки и старт за женски. Стартот е предвиден во 11 часот и сите кои сакаат да учествуваат да дојдат пред 11 часот кај Чинарот. Секој кој ќе учествува во трката и воопшто акцијата, треба да има учеснички број кој чини 30 денари. Со продажбата на броевите ќе им се помогне на децата со здравствени проблеми, а кои потекнуваат од социјално ранлива категорија на граѓани, вели претседателот на општинскиот Црвен крст, Сашо Точков.

Манифестација ја поддржува и аптекарскиот бренд „Виа Фарм“, заедно со „Алкалоид“ АД Скопје, кои подготвуваат бројни изненадувања за најмладите и ресторанот „Виа Игнација“ – Вевчани, кој ќе додели ваучери. Познатиот бренд за орална хигиена „Curaprox Macedonia“, исто така ќе биде дел од оваа манифестација.

Организаторите ветуваат над 70 награди кои јавно ќе бидат извлечени и објавени на интернет страната на Црвен крст. Ќе има голема забава, спортување, многу хуманост, емоции и дружење.

Наградната игра на Стоматолошкиот центар „Д-р Баткоски“ годинава се реализира под мотото: „Која насмевка ќе блика, ќе каже најсмешната слика!“

  • Имаме многу изненадувања, ве очекуваме на забава, дружење и на едукативното катче, вели др Владимир Новакоски од Стоматолошкиот центар „Д-р Баткоски“.

Меѓу првите награди се: седумдневно зимување на Златибор, пет дневен престој во Крагуевац, викенд во Маврово и уште многу други.