Наредниве денови се очекува потпишување на договорот со кој ќе се официјализира воспоставувањето на директната авио линија Охрид- Лондон- Охрид на компанијата “Виз Ер“. Согласно условите во тендерот компанијата е обврзана да го промовира Охрид низ Светов и да донесе одреден број странски туристи кај нас. 

– Еден дел од товарот за промоција на Охрид го има и самата авио компанија. Таа има обврска да донесе одреден број на туристи. Субвенционирањето се однесува на слетување на охридскиот аеродром “Св. Апостол Павле“ што подразбира дека таа  ја сноси одговорноста за носење на одреден број на гости во Охрид. Таа бројка на гости  е солидна за почеток односно  во текот на овие неколку  години. Компанијата  “Виз Ер“ исто така   има  обврска во своите промотивни  каталози  кои ги има во авионите кои летаат  на различни дестинации низ светов  да го вметне и Охрид . Сметам дека ова е еден сосем поинаков пристап на маркетинг стратегијата за развој на туризмот што во иднина ќе донесе резултати. Бројот  на англиски туристи кои се очекуваат во Охрид би бил солидна основа за презентација на охридската туристичка понуда односно охридското културно богатство на англискиот пазар, вели градоначалникот Никола Бакрачески.
 
Бакрачески потсети дека се водат неофицијални преговори за етаблирање на редовна линија кон уште една европска дестинација.

Директните авиолинии од Охрид кон Базел и Лондон стартуваат од 1- ви јули. Авио линијата Охрид – Базел е субвенционирана од Владата на Македонија, а за линијата Охрид –Лондон,  со одлука на Совет општина Охрид   се издвоени 6 милиони денари за  2015-та година , 12 милиони за 2016 и 2017  година и 6 милиони  денари за 2018 година.  

OhridNews