Проектот за посредување при вработување, наменет за млади до 35 години со средно и високо образование е во полн ек. Целта на проектот е да се поттикне вработувањето на младите и да се воспостави врска помеѓу бизнис секторот и квалификуваниот кадар. Триесетина млади луѓе од градов веќе волонтираат еден месец (некои и подолго) во фирми и установи кои беа заинтересирани за вработување на соодветни кадри. Денес во малата сала на Општината се одржа работилница на која се одржаа неколку предавања, се разменуваа искуства и се даваа некои насоки за понатамошни активности за што поголема успешност на проектот.


Со волонтирање до работа

Да потсетиме, Проектот кој започна минатата година, во ноември, со цел посредување при вработување е финансиран од УНДП Македонија и владата на Кралството Норвешка. Во тек е втората фаза од проектот во траење од три месеци (волонтирање), а од организаторите, Секторот за економски развој, дознаваме дека интересирањето на фирмите за вработување на кадри било поголемо од очекуваното.


Дел од предавањето. Ана Маневска – координатор

Најмногу пријавени кандидати има со завршен Факултет за туризам (неповолен однос во поглед на побарувачката, многу пријавени – малку работни места), а најмалку од техничките и машинските струки (факултети).

„Не можеме да загарантираме некому сигурно вработување, но ќе сториме се` на волонтерите да им помогнеме најдобро да се претстават, да се вклопат и да покажат добри резултати на потенцијалното работно место со што би ги зголемиле шансите за свое вработување“, меѓу другото изјави Александар Гумберовски, проект менаџер.

Проектот завршува во јуни оваа година и за да биде успешен потребно е најмалку 16 волонтери (од 30) да засноваат некој вид работен однос со фирмата (установата) во која волонтираат.

Текст и фото:
 С. Костоски