На 14 јуни, во фоајето на кино „Фросина” во МКЦ Скопје, со почеток во 20.30 часот, ќе се изврши промоција на новата збирка поезија „Со ветрот под рака“ од охриѓанката Долорес Атанасова-Лори. Збирката поезија се состои два поетски циклуса.
„Д.А. Лори ни нуди таков жар додека читаме што забораваме дека внатрешното устројство е исполнето со интимен порив. Соживувањето со поетскиот глас е неизбежно, стилската изведба со жестокост, но и со доза избалансирана, умерена итрост си поигрува со архетипите што ни се досега (не)познати, симболичност што плови на моменти во мирно море, а на моменти нè фрла во вакумот помеѓу карпата и бранот што удира во неа. Чувството да се има новата книга на Д.А. Лори, „Со ветрот под рака“, во свои раце пред другите и да знаеш дека таа создала едно дело што ќе остане врежано во историјата на современата македонска поетика е уникатно, прекрасно, во најмала рака ветровито”, пишува во рецензијата за новата книга на Атанасова, поетот Митко Гогов.
„Со ветрот под рака“, во издание на издавачката куќа „Антолог“ е втора книга поезија на Д.А. Лори. Првата насловена „Будење во трето лице еднина“ беше издадена за „Блесок“.
OhridNews