„Благодарам Д.а.Лори на прекрасните стихови. Има надеж за светот, за сите нас со такви творци како тебе. Се поклонувам“, е само една од бројните прекрасни пораки кои и ги упатија присутните гости на охриѓанката Долорес Атанасова-Д.а.Лори, која вчеравечер во фоајето на киното „Фросина“ при МКЦ во Скопје, ја промовира својата втора збирка поезија насловена „Со ветрот под рака“.

Како што истакна промоторот на книгата, Митко Гогов, делата како што е најновата збирка поезија на Атанасова, се реликвија на нашето време, богатство на полиците со современо културно богатство и наследство за Македонија.

– „Со ветрот под рака“ е своевидна лектира за секој што почитува и знае како да ја вредни поезијата.  „Со ветрот под рака“ на секого ќе му понуди поезија исполнета со конзистентност во мислата, стихови што со прецизност доловуваат одбрани состојби на душата и на умот, микропоетичка градација што е исполнета до бескрај со конкретна сликовитост на дадени ситуации во кои речиси секој од нас може да се пронајде, истакна Гогов.

Стихови од збирката читаа Верица Недеска-Трајкова, Тања Сладиновска и Верица Андреевска-Спасовиќ, а Д.А.Лори на присутните им порача: „Човекот е брод со кренати едра, сред вода, занесен од ветрот. Ви посакувам да Ве служи ветрот“.

„Со ветрот под рака“ зад која стои издавачката куќа „Антолог“ е втората збирка поезија од Д.А. Лори. Нејзината прва книга „Будење во трето лице еднина“, беше издадена од „Блесок“ во 2014 година.  Дел од нејзината поезија е објавена во Букбокс, во поетската збирка 100 000 поети за промена и во е-книгата Поетискон.

Т.К.