Бројни велосипедисти, предводени од градоначалникот Никола Бакрачески, денес, возејќи низ градските улици го одбележаа европскиот Ден без автомобили, во рамки на Европската недела на мобилност која годинава се одржува под мотото „ Избери, промени, комбинирај“.
Учесниците на велосипедското дефиле тргнаа од пред општинската зграда, каде беа поздравени од страна на градоначалникот.
– Ако париската „Шанзе лизе“ односно илјадниците парижани можат нормално да функционираат без автомобили во еден ден од месец септември тогаш можеме и ние. Покрај во Париз заедно со Монтреал, Мексико Сити, Хо Ши Мин ,Богота и уште 1648 градови од 42 европски држави, со низа активности го одбележуваме „ Денот без автомобили“, што е дел од Европската недела на мобилност. Оваа година, за прв пат, Охрид своите активности ги регистрира во европската мрежа и се вклучи во глобалната кампања за намалување на употребата на автомобилите. Ги поздравувам и им упатувам благодарност на сите учесници кои се приклучија на акцијата и автомобилите за кратко ги заменија со велосипеди или дојдоа пеш, за заеднички да ги мотивираме останатите граѓани да ги следат нашите чекори.Особено ме радува фактот што најбројни се младите, кои се помасовно ги употребуваат велосипедите не само во градот, туку и во поширокото подрачје, особено по крајбрежието на Охридското Езеро, рече Бакрачески.
Градоначалникот потенцира дека Локалната самоуправа ќе стори се за да ја намали штетноста од прекумерната употреба на автомобили и дека ќе се преземат активности за да се овозможи безбедно движење на пешаците и велосипедистите.
OhridNews