Младата Англичанка од Манчестер, Сара, во Охрид допатува со велосипед. Планирала да не се задржува предолго, но не можела да одолее на природните убавини.
-Тргнав од Англија минатата година. На велосипед ги минав Франција, Германија, Швајцарија и Италија, оттука во Грција од каде заминав за Израел и Палестина, каде се задржав неколку месеци. На враќање за Англија дојдов тука. Прекрасно е. Планирав да останам во Охрид една ноќ, но се вљубив во местово и ќе останам уште 4-5 дена, можеби и повеќе. –изјави авантуристката Сара, која ја сретнавме на плажа. Уште ни кажа дека се искапила во Охридското Езеро. „Водата е свежа, но чувството е прекрасно“.- додаде Сара.
Охрид за 1-ви Мај е исполнет како во шпиц на сезона. Туристите уживаат во прекрасното време и прошетките низ градот, но најмногу во природата. Шеталиштата и угостителските објекти се преполни, а отворена е и сезоната на охридските плажи.
-Ова е убаво место, убаво езеро, луѓе, се’. Нуди големи можности и активности за сите луѓе.-изјави турист од Англија кој со кану се рекреираше на Охридското Езеро.
-Прв пат сум тука. Ги разгледавме знаменитостите на Охрид, старите цркви, разбравме дека ги имало 365, по една за секој ден, не останале многу, но останала трага од тоа време.- рече турист од Хрватска.
Хотелите на ривиерата се полни со гости, а голем интерес има и за приватното сместување. Најавите за претстојната сезона се уште подобри, а туристичките работници очекуваат повеќе гости во споредба со изминатите неколку години.
Г.М.