Традиционално, по повод денот на ослободувањето на Град Скопје, Сојузот на спортови на Скопје организира свечено доделување на наградата 13 Ноември.

Годинава, на предлог на Комисија за награди и признанија и со одлука на Управниот одбор на Сојузот, награди се доделени на:

Дејан Георгиевски од Теквондо клуб Бутел Скопје, наградата 13 Ноември – Спортист, за освоено второ место во теквондо, на Олимписките игри во Токио, Јапонија 2021 година.

Илина Арсова планинарка – награда 13 Ноември – Спортист, за искачување во Еквадор, Јужна Америка, на пет врвови со над 5000 метри надморска височина, како и за голем придонес во развојот на спортот.

Наградата – Тренер, се додели на Борче Костовски, кој е тренер на Дејан Горгиевски во теквондо и е заслужен за освоеното второ место на Олимписките игри во Токио, Јапонија 2021 година.

Наградата – Спортски новинар, беше доделена на Бранко Казаковски, новинар од спортската редакција на телевизија Телма, кој даде значаен придонес во развојот и унапредувањето на спортот.

Наградата – Спортски работник, ја доби Билјана Димовска, долгогодишна спортска работничка во тенискиот спорт, која има значаен придонес во развојот и унапредувањето на тенисот.

Сојузот на спортови на Скопје ја додели наградата Спортски работници за Животно дело на Насе Насев, познат и признат тренер и селектор на најуспешните борачи од државата, кои се и носители на медали од европски и светски првенства и олимписки игри, Седадин Али – Сетко, професор по физичко образование и воспитание, тренер по фудбал и спортски работник во повеќе спортски здруженија и на Љубомир Котевски, планинар, планинарски водич и спортски работник.

Наградата 13 Ноември за Општествено спортски работници се додели на Горанчо Петровски, Началник за безбедност на патниот сообраќај во СВР Скопје, кој повеќе од 10 години успешно ја реализира сообраќајната логистичка поставеност на маратонот и сите останати трки и настани, со што обезбедува висока безбедност при одржување на истите и на Даниел Димевски, претседател на Македонскиот олимписки комитет, за успешен настап на нашите олимпијци на последните Олимписки игри во Токио, како и за освојувањето на сребрен медал после 20 години, а особено е заслужен и за обезбедување на нови и модерни услови за развој и унапредување на врвниот спорт.

Претседателот на Сојузот на спортови на Скопје на сите добитници им ги честита наградите и им посака уште поголеми успеси и спортски резултати следната година.

 

OhridNews