Со организирање на Завршниот турнир во баскет за основните училишта, денеска на спортските терени во ООУ „Св.Климент Охридски“ беше одбележан Светскиот ден на физичката активност во Охрид.

Турнирот е во рамки на Училишните спортски лиги и го организираше Сојузот на училишен спорт во соработка со Одделението за спорт и млади при Општина Охрид.

Пред почетокот на финалните натпревари во машка и женска категорија, пред присутните се обрати градоначалникот Кирил Пецаков.

Светскиот ден на физичката активност, кој го одбележуваме денеска е една убава прилика уште еднаш да им посочиме на младите генерации дека физичката активност е клучна за правилен раст и развој и има значителен придонес во градењето на позитивни вредности лидерски вештини. Затоа од исклучителна важност е од најмала возраст на децата да им овозможиме услови да спортуваат и да се натпреваруваат. Се радувам што како Локалната самоуправа сме особено посветени во оваа насока и вложуваме значителни средства за унапредување на спортот и поддршка на спортските клубови, рече Пецаков.

Потсети и дека од минатата година во соработка со Сојузот за училишен спорт од Охрид се  возобновени Училишни спортски лиги во повеќе спортови, во кои се опфатени учениците од сите училишта на територија на општината, потенцирајќи и дека се издвојуваат значителни средства и за Проектот за ангажирање на тандем наставници по физичко и здравствено образование за петто одделение, кои не се опфатени со Законот за основно образование и за кои не беше предвиден посебен наставен кадар за часовите по физичко.

Основниот предуслов за спроведување на активности од областа на спортот, физичкото воспитување и рекреацијата во Охрид е постоењето на доволен број спортски капацитети. Токму поради тоа, нашата цел е постојано да вложуваме во модернизација на спортските објекти, кои се главен ресурс за функционирањето на постоечките спортски клубови и важен сегмент за развој на спортскиот туризам. Веќе инвестиравме во реконструкцијата и опремувањето на три мултифункционални игралишта, а во текот на наредниот период планираме да продолжиме со низа инвестиции во спортската инфраструктура, рече Пецаков.

Изрази уверување дека токму од овие генерации млади кошаркари ќе произлезат врвни таленти, кои во иднина ќе бидат достојни промотори на Охридската кошарка во нашата земја и во странство.

OhridNews