Угостителските објекти имаат можност да се здобијат со два вида сертификати, национален „Чисто и Безбедно“ и интернационален „Safe Travels“, со кои се верификува дека во нивните објекти во целост се спроведуваат, почитуваат и практикуваат домашните и светските препораки за превенција и заштита од ширењето на коронавирусот Ковид 19.

Такви сертификати засега ќе добијат седум угостителски објекти од Охрид, беше истакнато на денешната презентација во хотелот „Су“ во Охрид. Станува збор за глобално признаени сертификати, со кои на гостите им се гарантира поголема безбедност при посетата на угостителските објекти, осносно дека се води грижа за нивната сигурност и здравје.

Издавањето на таквите  сертификати го врши посебна комисија при Независната угостителска комора – НУК, која врши верификација на примената на безбедносните протоколи за работа, рече претседателот на НУК Здравко Јосифовски.

Тука не станува збор дали некој субјект има право да работи или не. Постојат објекти во кои многу е инвестирано, но поради непочитување на протоколите тие објекти нема да добијат сертификат. Комисијата ја врши контролата на лице место, а понатаму обврска и одговорност на сопствениците и менаџерите на угостителските објекти сите промени да ги усогласуваат со работењето, односно во целост да ги применуваат протоколите. – истакна Јосифовски.

До овој момент до НУК пристигнале 55 барања за издавање ваков безбедносен сертификат.

Можеби сертификатите немаат толкаво значење на локално ниво, но се и тоа како важни за туристите што доаѓаат од надвор, а претпочитаат места каде би се чувствувале сигурно и безбедно и ќе можат да пријават евентуални проблеми и неправилности. – додаде Јосифовски.

Охридските угостители инсталираат специјални прочистувачи на воздух

Михаил Мишев, претседател на Здружението на угостители„Охридски еснаф“, рече дека мотивот на локалните угостители е Охрид со својата понуда и квалитативно да се издигне како главна туристичка дестинација во земјата.

Овој сертификат не е ништо другу туку изјава на сопствениците на угостителските објекти дека се жални да работат согласно актуелните препораки за заштита од Ковид 19. Пандемијата колку и негативно да се одрази, ни помогна да се консолидирамеи и да почнеме квалитетно да размислуваме на поинаков начин. Императив е странските гости да знаат во каков објект влегуваат, дека тој е чист и безбеден и да немаат двојба во нивното одлучување кој објект ќе го посетат. – изјави Мишев.

OhridNews