По повод 11 октомври денес во општинската зграда се одржа свечена седница на која присуствуваа голем број гости. Пред присутните се обрати заменик градоначалникот Ангел Јанев кој истакна дека со почит и пиетет се сеќаваме на подвизите на сите херои и борци, кои учествувале во Народноослободителната антифашистичка борба, за слободата на Македонија.
– Благодарение на нивнатаа борба за слобода, втемелена врз илинденската слободарска традиција, нашите поколенија денес живеат безбедно во самостојна и суверена Република Македонија. Кузман Јосифоски- Питу, еден од великаните и хероите на Народносолободителната војна, ќе рече -„Денеска, кога македонскиот народ се наоѓа пред решителна борба за извојување на својата национална слобода, споменот на Илинден треба повеќе од секојпат да светли пред очите на целиот македонски народ, пред лицето на сите чесни и слободољубиви Македонци, сите кои ја сакаат својата земја.” . Тоа се мисли водилки кои постојано не потсетуваат дека треба да ги почитуваме идеалите и жртвите на генерации Македонци кои се бореле за нашата сегашност и иднина, рече Јанев.
Свое обраќање имаше и Бобан Блажески, професор по историја, а присутните имаа можност да го проследат и настапот на хорот при охридската гимназија, како и културно- уметничката програма во чии рамки настапија ученици од ОУ „ Григор Прличев“ и од основното музичко училиште „ Методи Патчев“.
Во недела, 11 октомври, делегација од општина Охрид ќе положи свежо цвеќена спомен – обележјата од НОБ во спомен – паркот на Револуцијата и Градски гробишта.
OhridNews