Со свечена академија, вчеравечер, во Центарот за култура „ Григор Прличев“ се заокружи одбележувањето на 70- годишниот јубилеј на општинскиот Црвен крст.
Пред присутните сограѓани, членови , соработници, претставници од организации на Црвениот крст од Женева, земјава и соседна Србија, се обрати претседателот на Црвен крст Охрид, Сашо Точков, кој истакна дека се одбележуваат 70 години постоење- период низ кој организацијата се препознава преку хуманоста, достоинството и солидарноста.
– Формирањето на Црвен крст Охрид е врзано за 26 март 1945 година, 70 годишна традиција во која Црвен крст Охрид се развива и прераснува во современа и ефикасна организација на хумани и блгородни луѓе во која зборот човек се пишува со големи букви. Гордост е да се биде член на најхуманата организација во светот, да се биде дел од бесконечната армија на хуманисти, секогаш подготвени да издвојат дел од себе за да го спречат и намалат страдањето на оние кои дошле во неволја и се упатени на помошта на другите. Посебно е гордост да се биде член на Црвен крст Охрид. Во создавањето на нашата организација се вклучени безброј имени и безимени волонтери, активисти кои оставиле свои траги во растежот на организацијата. Треба да бидеме свесни дека колку повеќе имаме, создаваме можности за уште подинамичен развој толку повеќе им сме должни на оние кои низ времето оставиле траги во организацијата, истакна Точков.
Во име на локалната самоуправа присутните ги поздрави заменик градоначалникот, Ангел Јанев.
– Изразувам особена почит кон сите оние кои минатите години ја вградија својата љубов и хуманизам во растежот на оваа организација и да искажам целосен респект кон нивното залагање за обезбедување на помош на оние на кои им е неопходна. Со големо задоволство можеме да кажеме дека Црвен крст Охрид ја оствари својата мисија, да биде промотор на човечките хумани вредности, рече Јанев.
На свеченоста им беа доделени златни јубилејни плакети на заслужни членови на општинскиот Црвен крст, а општинската организација доби и признание од страна на Црвен крст Крагуевац за организирањето и испратената помош која охриѓани ја донираа за населението во поплавените подрачја во Србија.
Во рамки на одбележувањето на јубилејот , во Центарот за култра се изврши и промоција на книгите- биографии за Анри Динан и Густав Моние.
OhridNews
Фото: Мега Продукција