Со одржување на првиот свечен час на Факултетот за туризам и угостителство започна новата академска 2015/ 2016 година. Според бројот на пријавени и запишани студенти, ФТУ годинава може да се пофали со уште поголем број млади кои се одлучиле своето високо образование да го стекнат токму на овој факултет. Во првиот и вториот уписен рок запишани се над 240 студенти, а на третиот се пријавени повеќе од 30 студенти.

Според процентот на пополнетост, во рамки на битолскиот универзитет „ Св. Климент Охридски“ сме на второ место после Факултетот за безбедност. Интересот на младите за запишување на нашиот факултет е показател за нашата работа, вели идниот Декан на ФТУ, Професор д- р Цветко Андреески.

Присутните студенти на првиот час ги поздрави и идниот Ректор на Универзитетот „ Св. Климент Охридски“  во Битола, Професор д- р Сашо Коруновски, кој на студентите им посака добредојде и успех во студирањето.

Пред вас стои обврската за студирање, стекнување знаења и вештини на различно ниво од она кое досега го имате. За да ја исполните оваа ваша задача ќе ви биде потребен труд, истрајност, самодоверба и многу квалитети. Не се сомневаме дека веќе ги поседувате, наше е да ги развиеме, во комуникација со нас, со вашиот труд , затоа што успехот не е лесна категорија , тој успех отвара бројни можности за вашето исполнување на животните цели- остварување професија која денес ја започнувате, рече проф. д- р Коруновски.

И оваа година најголем интерес студентите покажале за студиската програма Царина и шпедиција, каде квотата е пополнета уште во првиот уписен рок , како и за насоките осигурување и туризам.

OhridNews