Судскиот процес против тројцата лекари од струшката Болница, гинекологот Мухамед Асани, неговиот син доктор Блертон Асани и доктор Лилјана Јованоска, обвинети за отстранувањето на три органи на родилката од Дебар Јилдз Веапоска продолжува денес со презентација на извештај од супер вештачењето во Основниот суд во Струга.
Оваа одлука судијата Јордан Јованов ја донесе поради неусогласување на вештачењата на вешти лица од Судска медицина побарано од Јавниот обвинител и на техничкиот советник на барање на обвинетите. Супер вештачењето треба да го прави судско медицински одбор при Медицинскиот факултет од Скопје.
Според вештачењето на тројцата вештаци од Институтот за судска медицина влошувањето на состојбата на Веапоска дошло поради погрешни постапки од здравствените работници, додека вештачењето на техничкиот советник професор доктор Драге Дабески покажува дека обвинетите лекари не направиле пропуст при лекувањето на родилката, туку со дејствувањето и бил спасен животот.
Инаку, судскиот процес со родилката од Дебар Јилдз Веапоска, на која по породувањето со царски рез, во Болницата во Струга и беа отстранеи матка, јајник и бубрег почна во 2022 година и досега се променија тројца судии.
OhridNews