Турската полиција вчеравечер ги зазеде просториите на дневниот весник Zaman кој се смета за опозициски на исламско-конзервативниот претседател Реџеп Таип Ердоган, по судската одлука овој весник да биде ставен под надзор, што предизвика нови коментари за слободата на говорот во Турција.

Полицијата со солзавец и водени топови ги растера стотиците луѓе кои се собраа пред седиштето на весникот Zaman во центарот на Истанбул и влегоа во зградата, извести репортерот на AFP. Дописникот на Reuters, пак, пренесува дека полицијата ја разбила влезната врата и дека снимките покажуваат пресметка со вработените на весникот во просториите. Денеска наутро приодите кон редакцијата на весникот беа препречени со безбедносни огради,а полициските сили се влезени во зградата.

„Ова е мрачен период за нашата земја, за нашата демократија“, изјави главниот уредник на Zaman, Абдулхамит Биличи.

Инаку вчeра судот во Истанбул на барање на државниот правобранител нареди да се именува привремена управа на медиумската групација Zaman, објави државната новинска агенција Anadulu. Агенција не ја наведе причината за ваквиот надзор, но за турската јавност нема многу сомневање дека станува збор за нетрпеливост меѓу уредништвото на весникот и актуелната власт.

Групацијата Zaman којашто покрај дневниот весник ги поседува и весникот на англиски јазик Today’s Zaman и новинската агенција Cihan, се смета за блиска на исламскиот проповедник и филозоф Фетулах Ѓулен, кој живее во егзил во САД, а се смета за заслужен за политичкиот подем на Реџеп Таип Ердоган, но подоцна стана негов најголем противник, а по избувнувањето на корупциската афера од крајот на 2013 година, власта го обвини за создавање паралелна држава со цел да ја собори владата на партијата АКП. По оваа афера турските власти спроведоа чистки во полицијата и во правосудството и кривично ги гонат лицата поврзани со ткн мрежа на Ѓулен, и ги поткопуваат нивните финансиски интереси.

Европската унија денеска ја изрази својата „искрена загриженост“ за слободата на медиумите во Турција, во врска со случајот на весникот Zaman. Овој случај, инаку, се одигрува два дена пред самитот ЕУ-Турција за мигрантската криза, на кој Анкара се надева да ја забрза постапката за заживување на запрените пристапни преговори со ЕУ, и добивање финансиска помош, во замена за нејзините напори за запирање на бранот имигранти и беглаци кои кон Европа заминуваат од турското крајбрежје.

Европскиот комесар за проширување, Јоханес Хан, изјави дека е „многу загрижен поради најновите случувања во врска со Zaman кои го доведуваат во прашањето напредокот на Турција во другите сфери“. „Внимателно ќе следиме што се случува. Турција, којашто е кандидат за членство, мора да ја почитува слободата на говорот. За темелните права не може да се преговара“, порача Хан.

Турската опозиција, невладините организации за заштита на медиумите и многу западни земји со месеци изразуваат загриженост поради сé поголемиот притисок на Ердоган и неговата влада врз медиумите и предупредуваат на авторитарниот начин на неговото владеење, пишува во саботата агенцијата ДПА.

OhridNews
Извор:„Макфакс“