Македонските граѓани во иднина преку СМС пораки ќе бидат предупредувани за природни катастрофи, пожари, поплави, епидемии, индустриски несреќи и ризици од поголем облик. За да може да се изврши навремена евакуација на населението во услови на голема опасност, тие ќе бидат предупредувани со сите средства вклучувајќи ги и СМС. Во пораките ќе има и совети како да се заштитат и што треба да преземат при евентуална катастрофа.

Старите сирени, кои во поранешна Југославија предупредуваа за ризици, и во иднина ќе се користат, но за поголема покриеност на територијата ќе се употребуваат сите медиуми и алатки-радио, телевизија, интернет и мобилни и фиксни телефони.

Ова го предвидува Националната платформа за намалување на ризици од несреќи и катастрофи. За да може овие новини да се применат во практика, потребни се неколку измени на законите во Македонија, кои се во тек на разгледување. Одговор за тоа како би функционирал овој систем во Македонија побаравме од Центарот за управување со кризи (ЦУК).

– Тревожењето е регулирано со Законот за управување со кризи и тоа го врши Центарот за управување со кризи во услови на кризна состојба. Со оглед на развојот на технологијата во светот, покрај раното предупредување на населението со помош на сирените, се разгледуваат и алтернативни модели и начини за известување и тревожење, кои може да помогнат во навремената евакуација или напуштање на местото на опасноста. Станува збор за користење на мобилните оператори, кои преку СМС ќе може да му сигнализираат на корисникот на мобилниот телефон одредена опасност со препорака како тој да се однесува во дадената ситуација – вели Мишко Талески.

Мобилните оператори тоа би го направиле по дадена директива, односно препорака од Центарот за управување со кризи. За таа цел, Центарот веќе имал работни состаноци со претставници на операторите, кои изразиле подготвеност за нивно вклучување во оваа област.

– Со оглед на ограниченоста што мобилните оператори ја имаат во поглед на испраќањето СМС, почитувајќи ги одредбите од Законот за заштита на личните податоци, беа остварени средби со раководството на Агенцијата за електронски комуникации, кои искажаа подготвеност за регулирање на законската област во тој поглед – велат од ЦУК.

За да може да се реализира оваа идеја Агенцијата за електронски комуникации ќе треба да направи промена во Законот за електронските комуникации во делот што се однесува на испраќање пораки до корисниците.

Тоа е потребно бидејќи кога од ЦУК контактирале со еден од мобилните оператори, им било кажано дека сегашниот Закон забранувал испраќање пораки до корисниците на мобилни телефони. Тоа е од причина што таквите пораки би имале облик како „спам“ пораки, па операторот се плашел да не има евентуална одговорност за последиците што би настанале.

– Станува збор за чувствителна област како несреќи и катастрофи, па за да нема недоразбирања и проблеми во иднина, најдобро е разгледување на законот и негово дообјаснување за да нема некакво кршење на регулативата – велат во ЦУК.

И приватните телевизии и радиостаници во државава наскоро ќе имаат обврска да тревожат за несреќи и катастрофи. Оваа обврска засега ја има само МРТ, како јавен радиодифузен сервис.

– Центарот за управување со кризи забрзано работи на соработка со електронските медиуми во државата преку Советот за радиодифузија, кој исто така изрази подготвеност за амандманска интервенција во Законот за радиодифузна дејност. Со тоа ќе се овозможи известување и тревожење на населението и преку комерцијалните радио и телевизиски станици во државата. Целта на овие активности не е навлегување во уредувачката политика на ниту еден медиум, туку навремено пренесување на пораката до граѓаните, кои се во опасност од елементарна непогода -вели Талески.

Пораките би се испраќале во аудио или визуелен облик и ќе имаат унифицирана содржина подготвена од Центарот за управување со кризи.

За подобро да се координираат известувањето и тревожењето на населението, се формира и работна група за односи со јавноста на ниво на Владата, со која ќе координира Центарот за управување со кризи, а во која членуваат портпаролите и лицата одговорни за односи со јавноста во органите на државната управа, агенциите и установите што се дел од Националната платформа.

– Целта на работењето на работната група е создавање усогласен пристап на институциите при известувањето на средствата за јавно информирање за избегнување шпекулации и дезинформирање на јавноста – велат во ЦУК.

Нов број за итни повици ќе биде 112

Единствен повикувачки број за итни повици во иднина ќе биде 112 наместо досегашниот 195. Завршена е студијата за изводливост на проектот и таа се разгледува пред Владата, по што ќе се објави конкурс за избор на фирма што ќе го имплементира овој систем. Во иднина сите граѓани што ќе треба да повикаат пожарна, полиција или брза помош ќе треба да се јават на бројот 112.

– Земјите-членки на ЕУ се обврзани да го употребуваат единствениот европски број за итни повици Е-112. Центарот во 2008 година почна тендерска процедура за избор на консултант за изработка на физибилити-студија за системот за итни повици Е-112 на Македонија со дефинирање на идната поставеност на системот за рано предупредување и тревожење на граѓаните – велат во ЦУК.