СДСМ синоќа во Скопје го одржа 24 Конгрес, на кој беа претставени изборните листи и изборната програма на партијата насловена како „Можеме!“. Оваа програма  се темели на пет столба: 100.000 нови работни места и раст на платите, Грижа за сите, Ред дисциплина и правда, Ние сме НАТО одиме кон ЕУ и Сите за еко држава, рече во обраќањето пред делегатите лидерот на социјалдемократите Зоран Заев.

Со мерките и политиките во Програмата градиме економски силна и стабилна земја. Праведна, правична и правна држава, членка на НАТО, земја која успешно преговара со Европската Унија. Зелена, еколошка, дигитализирана, иновативна држава која има што да им понуди на своите млади. Развиваме држава за достоен живот. Држава со пристојна живеачка за сите. Градиме систем во кој трудот на работниците се вреднува и плаќа. Плата од која останува и за живот. Сакаме држава во која младите остануваат и напредуваат. Држава која младите ги развива рамо до рамо со нивните врсници од Европа. Ако можевме за две и пол години да ја извадиме земјата од финансиски колапс и да обезбедиме највисок раст на платите до сега, сигурни сме дека во следниот мандат можеме уште повеќе и уште подобро. – порача претседателот Зоран Заев, презентирајќи ја програмата пред членовите на Конгресот.

На конгресот Заев зборуваше и за новите стандарди во концептот Едно општество за сите, кој, како што рече, се зацврстува со коалицијата со Движењето Беса.

Ова е чесен, домаќински и одговорен пристап, препознаен, автентичен, македонски модел за напредок – затоа различните политички субјекти и заедници се приклучуваат кон коалицијата што ние ја предводиме. На овие избори за првпат имаме целосно мултиетничка коалиција предводена од СДСМ. Отворено, транспарентно пред граѓаните, пред гласачите настапуваме со заеднички пратенички листи и покажуваме дека Можеме заедно. И после победата на 12 април продолжуваме заедно со граѓаните. Напредокот, економскиот раст, интеграцијата, продолжуваат уште повеќе. – истакна Заев.

Заев го критикуваше лидерот на опозициската ВМРО ДПМНЕ дека намерно не се кандидирал на претстојните избори, оти се плашел од пораз, додавајќи дека концептот на политичките ривали и натаму е ист, а Мицкоски е продолжена рака на Груевски.

Тие се против ЕУ и НАТО. Тие се фабрика за лажни вести. Со своите криминални политики, крадејќи го народот ја донесоа државата на работ на сиромаштијата. Со години газеа врз сиромашните, врз работниците, врз пензионерите, стечајците. Тепаа студенти, уценуваа наставници, затвораа медиуми. Денес, се уште го бранат криминалот на Груевски, се уште се против повисоки плати и пензии, противејќи се на напредокот кон ЕУ и НАТО. Епа за таквите нема гласови, нема поддршка, нема иднина. Нека си седат во минатото. Друг избор за нив нема. Ние одиме напред, можеме уште повеќе – уште подобро. – рече Заев.

OhridNews