Македонија има добра правна рамка, но постојат слабости во спроведувањето на законите, сметаат експертите од Транспаренси Интернешнал, која денеска во Охрид ја одржува Шестата Годишна регионална конференција за Европа и Централна Азија.

Треба построго да ги применувате законите да ги зајакнете институциите, и ви требаат силни независни медиуми. Без нив проблемите за корупција нема да се објавуваат и ќе изостане притисокот за решавање на случаите, истакна Миклош Маршал, регионалниот директор на Транспаренси интернешнал за Европа и Југоисточна Азија.


Министерот за правда Михајло Маневски пред новинарите нагласи дека битката против корупцијата и организираниот криминал претставува долгорочен и макотрпен процес, оттаму што тој вид криминал не познава граници.

– Тоа е наш врвен приоритет, како обврска кон граѓаните и како дел од евроинтегративните процеси, рече министерот Маневски. Притоа тој истакна дека администрацијата треба да биде првата брана во спречување на корупцијата и дека на тоа подеднакво упорно треба да работат и централната и локалната власт. Маневски истакна дека искуствата од работата на конферецијата ќе значат дополнителен поттик за уште поуспешни резултати во остварувњето на оваа исклучително значајна функција што ја имаат државите и владите односно надлежните институции во борбата против корупцијата.


На четиридневната конференција учествуваат 200 претставници од 45 земји од Европа и Централна Азија кои денеска дискутираа за: „Проширувањето на ЕУ и реформи за антикорупција“, „Корупција и економски равзој“ и „Незаконски одлив на пари“.

Ohridnews