Зголемување на вработеноста во приватниот сектор, е целта на проектот кој е финансиран од  Швајцарската агенција за развој и соработка, а ќе биде имплементиран преку Швајцарската фондација за техничка соработка во наредните пет години во Охрид, Маврово и Крушево. Градоначалникот Никола Бакрачески, по тој повод, денеска имаше работна средба со директорката на проектот Розанди Лоу, на која се разговараше за модалитетите под кои  општина Охрид и институции и компании од градов ќе бидат вклучени во сроведувањето на проектот.

Проектот ќе делува во секторите туризам и угостителство, еко – економија и креативни индустрии, според развојна методологија на универзитетот од Сент Гален, Швајцарија. Проектот ќе се фокусира на развој на секторите и зголемен раст на компаниите преку пристап до нови пазари, подобрена едукација и вештини во секторите и подобрување на регулаторната политика за раст на компаниите од приватниот сектор. Буџетот на целиот проект изнесува 6,5 милиони Швајцарски франци, а се очекува со имплементација да започне во средината на април.

OhridNews