Општините во регионалното здружување треба да го препознат соспствениот интерес и преку  реализација на заеднички проекти да ги остваруваат полесно своите развојни цели. Ова меѓу другото беше истакнато на финалната презентација на  Програмата за регионален економски развој на Југозападниот плански регион во кој спаѓа и општината Охрид, која е поддржана од Германското Друштво за Техничка Соработка (ГТЗ-РЕД).


Седиштето на Југозападниот плански регион во кој спаѓаат 13 општини, ќе биде во Охрид, што е од исклучително значење за општината, истакна градоначалникот Александар Петрески. Тој  информираше дека регионот е регистриран и наскоро ќе започне да функционира со полн капацитет.

Регионализацијата на Македонија е во рамки на европските интегративни процеси, вели Аница Палацо од ГТЗ. Таа посочи дека Европа веќе функционира на региони, кои се во натпревар за привлекување инвестиции. Во Македонија во мај 2007.г е донесен Закон за регионален развој, согласно кој земјата е поделена на 8 плански региони, за  кои согласно законот ќе  се одвојува 1% од бруто националниот приход. „ Секоја година регионите ќе треба да достават листа на проекти кои ќе се финансираат, но доколку тие средства не се искористат се префрлаат на друг регион“, посочува Палацо. Според пресметките, за реализација на проекти Југозападниот регион годишно ќе може да искористи и до 7 милиони евра.

Капацитетот на општините и натаму е најголем проблем, оценува Јенс Адлер, раководител на ГТЗ-РЕД.

Токму затоа фокусот во наредниот период ќе биде ставен на зајакнување на капацитетите на македонските општини, кои во моментов се на половина пат да го достигнат нивото на развој на кое се наоѓаат општините во Европа сега, смета Адлер.

Процесот за изработка на Програмата за развој на Југозападниот плански регион е активност која се остварува во рамките на Програмата за Регионален Економски Развој (РЕД), со поддршка од Германското Друштво за Техничка Соработка (ГТЗ). Оваа програма започна да се спроведува од 1 јануари 2008 година, а нејзината основна цел е поддршка на изградбата на институционалните капацитети за регионален развој.

Г.М.