На патниот правец Трпејца – Отешево преку Националниот парк Галичица, ќе бидат поставени рампи после месноста Корита, со цел да се спречи движење со возила на несовесни граѓани и нивно заглавување во наносите од снег високи и до два метри. Ова денеска го најави ЈУНП „Галичица“ по серијата интервенции на ренџерската служа Планинската спасителна служба – ПСС и Територијалната противпожарна единица од Охрид за извлекување заглавени возила после Корита кој е забранет за користење во зимскиот период.
Јавната установа национален парк „Галичица“ има интерес да обезбеди услови за рекреација во паркот вклучително и во зимските месеци. Оттаму ние ја поздравивме одлуката на ЈП за државни патишта да дозволи сообраќај на патниот правец преку Галичица во текот на зимските месеци барем до локалитетот Корита, бидејќи таму имаме уредено излетничко место, но, за жал, некои несовесни граѓани се обидуваат да поминат преку Галичица и заглавуваат во снегот, вели Андон Бојаџи од ЈУНП „Галичица“.
Над локалитетот Корита на неколку места има големи снежни наноси и заглавуваат таму по што бараат помош, иако тие ја направиле грешката. Имајќи ја предвид ваквата ситуација Јавната установа се одлучи заедно со ПСС да достави писмено барање до ЈП за државни патишта да ни дадат согласност на патниот правец преку Галичица над локалитетот Корита да поставиме физичка бариера, односно рампи, кои нема да дозволат несовесни граѓани да продолжат да го користат понатаму патот преку Галичица. – изјави на прес конференција Андон Бојаџи од ЈУНП „Галичица“.
Дописот ќе биде доставен денеска, а трошоците за поставување на рампите ќе ги сносат НЈУНП „Галичица“ и Планинската спасителна служба.
Со ова сакаме да обезбедиме граѓаните на Охрид да можат да доаѓаат до локалитетот Корита и да рекреираат таму, а ние да не ги трошиме ресурсите на Паркот и ПСС во спасување на заглавени возила на Галичица. Секако после завршување на зимската сезона рампите ќе бидат отстранети. – додава Бојаџи.
На патниот правец Трпејца – Отешево преку Галичица поставени се соодветни знаци за забрана на сообраќај, кои не се почитуваат, а прекршителите не се санкционираат, посочуваат надлежните.
Ние сме патот да е прооден, но фактички тој е непрооден и не знам како да им објасниме на граѓаните дека има два метри нанос на снег. Ниту ние го донесовме снегот, ниту ние сме институцијата којашто треба да го исчисти. Едноставно патот од Корита до Царина е забранет за сообраќај од 15 ноември до 31 март и поставена е сообраќајна сигнализација, но луѓето не ја почитуваат. Ако бидеме искрени не е за оправдување одлуката на јавното претпријатие за забрана, меѓутоа очигледно капацитетите на ЈП за одржување на регионалните и магистралните патишта, поранешно „Македонија пат“, се такви какви што се и тие едноставно се иземаат од одговорност и можност да го чистат. И во оваа ситуација имаат одговорност да го одржуваат патот до Корита, но и на тој дел природата го одржува.- истакнува Антонио Додевски од Планинската спасителна служба.
Дополнителен проблем е што граѓаните кога ќе заглават во снегот, наместо да контактираат шлеп служба, тие се јавуваат на телефоните на ЈУНП и ПСС, кои се оставени на информативните табли во паркот.
Апелираме до граѓаните да не ја бараат вината во нас, ние сме тука да им помогнеме во секоја ситуација, меѓутоа од друга страна да не ги злоупотребуваме овие ресурси кои првенствено се наменети за луѓе коишто се во неволја, кои имаат повреди и потреба од спасување кое останатите служби не можат да го направат. Ова со што ние се занимаваме во последниве три – четири недели е изигрување на шлеп служба. Постојат приватни шлеп служби, АМСМ, Здружение на возачи, и коректно би било да се обраќаат во иднина таму, а тиа да си го наплатат тоа. Ние сме волонтерска хуманитарна организација, работиме многу високоризична работа, вршиме спасување на комплексен планински терен, а сега се ставаме во ситуација да ризикуваме и да трошиме ресурси за нешто што доаѓа од несовесноста на граѓаните.
Оваа зима, до сега, Ренџерската служба на НП Галичица, ПСС и ТППЕ Охрид имале околу триесет интервенции на извлекување граѓани со заглавени возила на патниот правец Трпејца – Отешево преку Галичица, после месноста Корита, кој е забранет за користење.
Г. Момироски