Со “Охридската визита“ во “Прличевата одаја“ во Н.У. библиотека “Г. Прличев“, завршија годинашниве “Прличеви беседи“. Во рамките на манифестацијата се одржа промоција на книгата “Мојот Скендербеј“ од професор д-р Драги Михајловски, која поради актуелниот момент предизвикува огромно интересирање во јавноста.
“Скендербеј е една историска тема, која се погоди да биде и актуелна, што е сосема случајно, и низ историски настани и познати ликови се обидувам да ја коментирам стварноста“, ни изјави авторот. Она што излегува од романот е коментар на нашата сегашност и воопшто не е чиста историја, и содржи мој поглед на Скендербег, поради што и делото се вика “Мојот Скендербеј“, вели Михајловски.
Книгата има необична конструкција и не е роман во класична смисла, туку е составена од 13 различни делови-раскази низ кои провејува ист лајт мотив што ги врзува и прави една целина, што претставува една пост-модерна форма на раскажување. “До Скендербег стигнав природно трагајќи по себе“, вели авторот, кој како што рече од бабата по татко кој бил Влав од Албанија, ги спознал своите корени.
“Ликот на Скендербег е многу проблематичен денеска, многу мистифициран, често пати е злоупотребен и за жал дури го направија и муслиман“, рече Михајловски. Немам ништо против муслиманите, бидејќи Мухамеданството е еден од начините да се стигне до бога, но во овој случај ако нешто не бил Скендербег, не бил муслиман, рече Михајловски. Според него станува збор за еден од најпознатите христијански јунаци од 15 век во борбата против идечкиот ислам.
“Во мојата книга Скендербег не е исполитизиран, туку е претставен според она што сум го сознал и истражувал за него, а излегува дека е тој голем христијански лик кој има европска димензија и кој во 15 век бил поодржан од папата, а друго е прашањето што денеска дел од албанците инсистираат дека тој е Албанец“, рече Михајловски. Тоа е во ред, но спорна е етногенезата на зборот “Албанец“, смета Михајловски, кој рече дека во неговиот роман нема политика туку само вистина.
од промоцијата
Г. Момироски